Група млади битолчани започна иницијатива за зачувување и уредување на просторот кај авионите на Тумбе Кафе, едно од најпрепознатливите обележја на градот. Покрај тоа што подготвија фотографии и краток историски осврт за оваа локација, тие најавуваат и акција за чистење која ќе биде организирана во рамките на „Генералка Викенд“.

Иницијаторите упатуваат јавен повик до сите граѓани, компании и општествено одговорни субјекти кои сакаат да помогнат, да се приклучат на акцијата како волонтери или спонзори, со цел просторот повторно да добие достоинствен изглед.

Зад иницијативата стојат Лирим Укаловски, Андреа Симоновска, Михаил Спасевски, Марио Петрески и Христијан Грбевски, кои велат дека нивната цел е да придонесат за почиста, поубава и подобро уредена Битола.

„Авионите на Тумбе Кафе не се само спомен од минатото, туку симбол на градот кој заслужува грижа и внимание“, порачуваат младите ентузијасти, најавувајќи дека наскоро ќе бидат објавени деталите за акцијата и начинот на кој заинтересираните ќе можат да се вклучат.

