Миљан Милјаниќ е тренерот на сите тренери во екс-Југославија. Големиот фудбалски визионер, тренер, педагог е човек кој е роден во нашата Битола. Токму на денешен ден 4 мај 1930 година во „градот на конзулите“ тргна животната приказна на големиот Миљан.

Битолчанецот кој беше на клупата на Реал Мадрид и кој во 1976 година е прогласен за тренер на годината во светот.

„Миљан е роден во срцето на Битола кај сегашното училиште „Стив Наумов“. Блиску до неговата куќа живеевме јас и Тони Савевски. Беше голем господин. Многу ја сакаше Битола и Македонија. Кога јас бев селектор и кога бевме во група со СР Југославија тој беше претседател на ФСЈ. Знам дека секое утро покрај кафето јадеше и битолски локум“, ни открива Драган Канатларовски, екс селекторот на Македонија кој имал многу средби со човекот со кој имаат ист роден град.

Миљан Миљаниќ и неговата фамилија во 1928 година се доселиле во Битола. Неговиот татко бил геометар. Живееле во Битола до 1941 година кога се селат во Крагуевац. Таму малиот Миљан го преживува масакрот на фашистите а од 1946 година заминува со фамилијата во Белград и станува член во Црвена Звезда. Имал 12 години кога заминал од Битола за која секогаш копнеел…

Погребан со „Битола мој роден крај“…!

На 13 јануари 2012 година во Белград на 81 година умира големиот Миљан Миљаниќ. Неколку дена покасно е и погребот во алејата на великаните. Погреб кој на едно место ја собра фудбслаката елита од екс-Југославија. Таму и нашиот Бошко Ѓуровски но и Бобан, Савичевиќ, Пикси Стојковиќ, Џаиќ… но и Емилио Бутрагењо…

“Миљан Миљаниќ е еден од најголемите тренерски имиња кои биле на клупата на Реал Мадрид. Чест ни е што една ваква големина беше дел од нашиот клуб“, истакна тогашниот спортски директор на кралскиот клуб.

На погребот од капелата кон вечниот дом Миљан Миљаниќ е испратен со песната „Битола мој роден крај“, а во вечното почивалиште со стиховите од песната „Македонско девојче“. Доволен доказ колку големиот Миљан ја сакаше својата родна земја и роден град! За тоа говори и пишувањето на весникот „Новости“.

„Секаде и во секоја прилика ја пееше „Битола мој роден крај“! Миљан е човек кој го промени фудбалот во Југославија со неговата визија. Беше и во Реал Мадрид а ја по негова препорака заминав во Црвена Звезда. Секогаш ни помагаше на нас Македонците“, додава Драган Христовски кој замина во Белград токму кога Миљан стана тренер на Реал.

Извор Битола стари фотографии/
https://vesnik.com/node/92415