Мирко Долевски – малото сонце на ОУРЦ „Кочо Рацин“

од April 2, 2026 0 коментари

Со почетокот на новата учебна година, училишниот двор на ОУРЦ „Кочо Рацин“ повторно оживеа со детска смеа и радост, а училиштето доби уште еден посебен член, првоодделенецот Мирко Долевски.

Мирко е дете со аутизам, но пред сè, тој е љубопитно и топло момче со уникатен начин на доживување на светот. Иако неговите први училишни денови беа внимателни и исполнети со набљудување на новата средина, многу брзо се истакна неговата способност за адаптација и желбата за учење.

Со поддршка од наставниците, стручниот тим и соучениците, Мирко успешно се вклопи во наставниот процес и секојдневно напредува. За него, секој нов ден претставува чекор напред , нова научена буква, нов број и нова задача која ја совладува со посветеност.

И покрај неговата возраст, Мирко веќе чита и пишува и на кирилица и на латиница, покажувајќи развиени способности и самостојност. Неговата изразена визуелна меморија му овозможува лесно да ги поврзува информациите, додека преку цртежите создава свој свет исполнет со бои и емоции.

Особено се истакнува неговата упорност, Мирко доследно ги следи упатствата и со голема решителност ја завршува секоја задача, движејќи се со сопствено темпо, но сигурно кон напредок.

Во училницата, тој е прифатен и поддржан од своите соученици, кои преку дружењето со него учат за разбирањето, трпението и вредноста на различноста.

Од училиштето посочуваат дека секој успех на Мирко е голема победа, за него, за неговото семејство и за целата училишна заедница. Неговата наставничка со гордост го следи неговиот развој, нагласувајќи дека со љубов и поддршка, секое дете може да го достигне својот потенцијал.

Приказната на Мирко Долевски е потсетник дека различноста е богатство, а неговата насмевка и напредок се инспирација за сите.

Babam Bitola

Comments are closed.