Приказната на Мини Трчај Бе не завршува со преминувањето на целната линија. Напротив, токму тука започнува.
Во соработка со најтрофејниот Атлетскиот клуб Олимп од Битола, сите учесници на овогодинешното издание на Мини Трчај Бе добиваат можност бесплатно да бидат дел од едномесечна школа по атлетика.

Тренинзите започнуваат во понеделник, 13 јули, во 19:00 часот, со збирно место пред платото на Спортската сала во Битола.
Целта е децата да добијат осмислено, активно и здраво лето, исполнето со игра, дружење и движење, но и можност да ги направат своите први вистински атлетски чекори под водство на тренерите на АК Олимп од Битола, клуб кој со децении создава шампиони и е препознатлив по својата стручна работа со младите категории.
Можеби токму меѓу овие деца се идните државни прваци, репрезентативци и атлетски ѕвезди. Но, уште поважно, сите тие ќе стекнат здрави навики, самодоверба, дисциплина и љубов кон спортот што ќе ги следи целиот живот.
Организаторите ги повикуваат сите учесници на Мини Трчај Бе да им се придружат на тренинзите. Потребно е само да дојдат во удобна спортска облека и обувки и да понесат шише вода.
Трчај Бе и Атлетскиот клуб Олимп од Битола веруваат дека секој голем спортист некогаш бил дете кое едноставно добило шанса да започне. Нека ова лето биде токму таа шанса.
