Меѓународното космичко право достапно и на македонски јазик: Во Битола промовирано значајно издание на ОН

од July 25, 2026 0 коментари

БИТОЛА – Во Националната установа Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Битола се одржа свечен настан посветен на промоцијата и ширењето на знаењето за меѓународното космичко право на македонски јазик.

Настанот, организиран од Меѓународното космичко движење (МКД) – Битола и НУУБ „Св. Климент Охридски“, го одбележа успешното завршување на преводот и објавувањето на публикацијата „Инструменти на меѓународното космичко право“, македонско издание на официјалното дело на Обединетите нации International Space Law: United Nations Instruments. Со ова, за првпат клучните документи од областа на меѓународното космичко право стануваат достапни на македонски јазик.

На свеченоста присуствуваа библиотекари, професори, правници, студенти, ученици и претставници на институции и граѓански организации. Директорката на библиотеката, м-р Емилија Стефановска-Давкова, истакна дека преведувањето на научни и стручни дела на мајчин јазик е од суштинско значење за развојот на науката, образованието и националната правна терминологија.

Главен промотор на изданието беше проф. д-р Каролина Ристова-Астеруд од Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ, која оцени дека станува збор за пионерски проект што отвора нови можности за развој на космичкото право во Македонија. Во своето предавање таа ја нагласи сè поголемата улога на космичкото право во современиот свет и потребата државата навремено да ги развива своите правни и институционални капацитети во оваа област.

Преку видео-порака се обрати и Канцеларијата на Обединетите нации за космички работи (UNOOSA), која ја поздрави иницијативата и ја охрабри Македонија да го продолжи своето вклучување во меѓународната правна рамка за мирољубиво користење на космосот.

Генералниот секретар на МКД – Битола, м-р Александар Ташковски, направи осврт на развојот на космичкото право во Македонија, нагласувајќи дека земјата треба да вложува во образовни и научни капацитети и да го зајакне институционалното присуство во оваа област. Тој ги претстави и активностите што организацијата ги реализира во изминатите години за популаризација на космичкото право, особено меѓу младите.

Во рамките на програмата беше отворена и изложба посветена на преводот и промоцијата на меѓународното космичко право на македонски јазик. Изложбата ќе биде поставена во просториите на Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола до 1 август 2026 година.

Организаторите оценија дека овој проект претставува значаен чекор кон развојот на националните капацитети во областа на космичкото право и кон поголемо институционално вклучување на Македонија во меѓународните иницијативи поврзани со мирољубивото истражување и користење на вселената.

Babam Bitola

Comments are closed.