Македонската група „Меморија“ сподели интересна приказна од своите бројни настапи во Битола, издвојувајќи го концертот во некогашниот клуб „Партизан“ како еден од оние што им оставиле најсилен впечаток.

Како што раскажуваат од групата, низ годините во Битола одржале десетици концерти – во Парк дискотеката која ја водел покојниот Аце Сенатор, во Спортската сала, Домот на културата и на други места. Сепак, настапот во „Партизан“ останал посебно запаметен.
Клубот имал исклучително тесна бина, на која едвај бил поставен бубањот, додека Поце практично немал простор за движење. Пред бината, пак, имало голем број млади битолчанки кои заедно со него ги пееле песните од почеток до крај.
Токму за време на настапот се случила и анегдотата која членовите на „Меморија“ ја паметат до денес. Некој од публиката успеал да му ги врзе врвките од патиките на Поце една со друга. Кога тој се свртел да земе вода, за малку ќе паднел од бината меѓу публиката. Мичо, кој бил во близина, успеал навреме да го повлече назад.
Според сеќавањето на групата, тогашниот сопственик на „Партизан“ им рекол дека дотогаш немало толку многу публика на настап на македонски бенд.
Ноќта за „Меморија“ не завршила тука. По концертот заминале во познатиот битолски клуб „Расчекор“, каде на инсистирање на сопствениците одржале уште една кратка свирка.
Следниот ден требало да настапат со ДЈ Славе Келешовски во дискотеката „Крани“ во Преспа. Кога излегле да заминат од Битола, ги чекало уште едно изненадување – бришачите на „101“-от на нивниот тонец Гени биле врзани во машна.
Приказната потекнува од периодот на недостиг на гориво, па за продолжување на турнејата биле обезбедени две канти бензин преку пријател од Струга.
Децении подоцна, „Меморија“ сè уште го памети тој битолски концерт, публиката, полниот „Партизан“ и анегдотите кои го одбележале нивниот престој во градот.
„Битола, бабам Битола“, ја завршуваат својата приказна од групата.
