Прегратки и солзи радосници на битолски Широк Сокак. Битолчанката Драгица Цветаноска Поповиќ која што долги години живее во Крагуевац, дојде во Битола по повод 72 години од матурањето. Ја пречека нејзиниот школски другар Нико Поп Никола. Тие беа првата генерација на матуранти во Гимназијата „Јосип Броз Тито“.

Се сретнавме во срцето на Широк Сокак во ресторанот „Грне“. На средбата дојдоа единствено тие двајцата од петмината сеуште живи, што први по ослободувањето во 1946 година биле запишани во гимназијата Јосип Броз Тито, која што тогаш била првата средна школа во Македонија.
-Битолската гимназија почна да работи прва, таа беше првата средна школа во Македонија. Ние бевме трета година односно 7-ми клас затоа што 8-ми клас беа луѓе кои што беа родени 46 година кои што беа мобилизирани, така што работеше 7- ми клас односно трета година. Ние почнавме редовно таа генерација што бевме родени 1927 година. Бевме првата генерација и во Битола и во Македонија. Бевме од прилика 35 до 36 ученика, меѓутоа постепено почнаа од војска да доаѓаат, така што класот се преполни и не поделија на два класа. Ние бевме толку сплотени и единствени и се сметавме како еден клас. Практично бевме единствени. Јас ги имам и списоците, сите ги чувам, бевме запишани 93 ученици, тројца или четворица се отпишаа така што на матура излеговме 90 души. Ние сега славевме 72 години од матура . За жал бевме само двајцата. Но има сеуште живи, двајца се од Скопје и еден во Америка. Од нашата генерација излегоа многу лекари, инженери, професори имаше од сите професии, рече Нико Поп Никола.

“-Се сеќавам на се, а најмногу на младоста. И покрај тоа што ние бевме воена генерација, најубавите години ни беа во време на војната и тогаш беше опасно, но младоста си е младост. Ќе дојдевме тука на Широк Сокак, певме, се смеевме, се кажуваа шеги, најмногу се сеќавам на тие ученички денови. Тие се незаборавни денови. И ден денес се сеќаваме. Јас ги имам сите фотографии, просто ми се плачи затоа што ги изгубивме сите наши интимни и добри другари. Бевме многу компактна генерација, и покрај тоа што бевме хомогени. Пример јас бев 27 годиште редовна генерација, со нас имаше човек кој беше роден 1921 година,” вели Нико Поп Никола

-Како генерација многу се сакавме, многу си шепотевме на час, никој никогаш со никој не се скаравме, и не се оговаравме. Не гледавме на нација, на сиромаштија и на богатство, рече Драгица Цветаноска Поповиќ

За разлика од денес кога сите средношколци своето школување го крунисуваат со матурска вечер, тие биле генерација која што немале прослава.

-Матурската вечер е непоимлив поим за нас. Немавме матурска вечер. Се полагаше матурски испит по три предмети и пет усно и тоа беше се. Оттаму нашата генерација на ударна акција на Брчко Бановиќ, и тоа беше нашата матурска прослава. Матурска вечер не постоеше, вели Нико Поп Никола.

И двајцата со порака до младите.

-Децата да се огледаат на нас постарите и да внимаваат на тоа што прават, вели Нико Поп Никола.

-Сакам да бидат пореални во животот, да го гледаат животот, да ги поштоваат другарите како ние што се поштовавме, вели Драгица Цветаноска Поповиќ.

И од нас честитки за големиот јубилеј од 72 години..

Извор Тера ТВ