Еурофарм Пелистер продолжува со засилувањата и градењето на силен тим за иднината. Клубот го официјализираше ангажманот на македонскиот репрезентативец Мартин Серафимов, кој потпиша двегодишен договор и од сезоната 2026/27 ќе го носи зелено-белиот дрес.

Серафимов, кој настапува на позицијата десен бек, важи за еден од најквалитетните домашни ракометари и стандарден член на македонската репрезентација. Во Битола пристигнува од Алкалоид, а претходно беше дел и од Металург, каде што го изгради својот ракометен развој.
Со неговото доаѓање, Еурофарм Пелистер добива значајно засилување во бековската линија, но и играч кој носи искуство, квалитет и репрезентативен карактер. Од клубот потенцираат дека ваквите потписи имаат особено значење, бидејќи Пелистер традиционално претставува важен столб на македонската репрезентација.
Официјалната промоција на Серафимов како нов член на битолскиот клуб е најавена за јули, непосредно пред почетокот на летните подготовки за новата сезона.
Со овој трансфер, Еурофарм Пелистер уште еднаш потврдува дека сериозно ја гради својата иднина, со фокус на домашни играчи и континуитет во квалитетот.
