На 31 март во КИЦ Офицерски дом во Битола ќе се одржи концертот „Мозаик на хрватската мандолина“, во изведба на Мандолинскиот оркестар ХГМД „Слога“ од Загреб. Настанот се реализира во соработка со Хрватскиот културен центар МХД „Марко Марулиќ“ од Битола, а оркестарот ќе настапи под диригентската палка на Максимилијан Бориќ.
Младинскиот мандолински оркестар „Слога“ е основан во 2022 година и го сочинуваат ученици, студенти и поранешни ученици кои свират мандолина и гитара. Оркестарот има за цел да создаде нова генерација квалитетни оркестарски музичари и да ја продолжи богатата традиција на мандолинската музика во Загреб, како дел од друштвото кое годинава одбележува 97 години постоење.
Репертоарот на оркестарот вклучува класични и современи дела од хрватски и странски композитори, напишани за мандолински состав. Во 2023 година оркестарот освои втора награда на Хрватскиот фестивал на мандолина во Имотски, а зад себе има и концертни настапи во Србија и Италија.
Во последните години, оркестарот активно работи на оживување на дела од хрватски композитори, но и на создавање нови композиции во соработка со современи автори. Уметнички директор и диригент е Максимилијан Бориќ, професор по мандолина и дипломец на Конзерваториумот „Џузепе Верди“ во Милано.
На програмата на концертот се дела од Никша Њириќ, Владо Сунко, Адалберт Марковиќ, Мирослав Лончар, Игор Куљериќ, Бранко Старц, Дарко Домитровиќ, Тихомир Раногајец и Павле Свиличиќ.
Ден претходно, оркестарот ќе настапи и во Скопје, во Музејот на македонската борба, во соработка со Амбасадата на Република Хрватска во Македонија.
Гостувањето е под покровителство на Министерството за култура и медиуми на Република Хрватска.
