Малите херои од Пелистер: Генерација 2018 покажа што значи другарство

од April 27, 2026 0 коментари

Во време кога често зборуваме за резултати, голови и победи, една вистинска приказна од најмладите категории на ФК Пелистер потсети што е најважно во спортот, човечноста.

Станува збор за дечињата од генерација 2018, кои покажаа дека тимот не е само на терен, туку и надвор од него. Еден нивни соиграч во изминатиот период не можел да игра поради операција на крајници, но тоа не ги спречило неговите другари да го почувствуваат дел од екипата.

Со сопствени средства, малите фудбалери собрале пари и му купиле топка, симболичен, но искрено вреден гест што кажува многу повеќе од било каков резултат.

Но тука не застанале.

За време на натпреварите во Охрид, дечињата на своите маици го носеле името на нивниот соиграч, како да е заедно со нив на теренот. Го играле секој натпревар и за него.

Дополнително, важна улога во градењето на ова другарство има и тренерот Симе Бендевски, кој со својата работа придонесува овие деца да растат не само како фудбалери, туку и како луѓе.

Ова не е приказна за победа на табела. Ова е приказна за победа во животот.

И можеби токму овие деца, најмалите од Пелистер, денес ни одржаа лекција која многу повозрасни ја заборавиле, дека вистинскиот тим никогаш не го остава својот играч сам и едвај чекаат да се врати.

Babam Bitola

Comments are closed.