Во денешните ресторани, ако не си шокиран од храната, тогаш не си ја разбрал поентата. Како што светот станува страшен, така и готвењето станува апстрактно, но идејата која се развива и се спроведува на дело е поважна од идејата која постои како идеја.

Денес, поточно за новогодишните празници, се поставени десетина мали куќарки веднаш до платото на прекрасниот поранешен Офицерски дом, сегашен КИЦ.

Идејата на Општината е за поздравување. Со поставувањето на овие куќарки им се даде можност на триесетина млади луѓе да го покажат своето знаење, умешност, храброст и енергија во текот на овие дваесетина дена и да донесат што повеќе среќа преку разни солени и благи деликатеси за своите сограѓани и за сите посетители.

Јас лично им се восхитувам. Тие, во тешки временски услови, во минимален простор, насмеани по цел ден, секој на свој начин прават чудесни, вкусни работи.

Идејата на овие куќарки јас би ја поврзал со познатите фуд-тракови и разни вагони за храна низ целиот свет. Како такви, прво се појавуваат во Америка кон крајот на 19 век, со оскудно мени, каде што се служело суво месо, грав, кафе и колачи. Во 1920 година се прават и првите сендвичи, а оваа идеја понатаму се развива кај американската војска во 50-тите години, која прави кантини со храна за своите потреби, а ваквите кантини се појавуваат во сите градови во Америка. На почетокот на 2000-тите години, речиси и да нема град во Америка, Франција, Англија и во другите земји каде што нема мали подвижни кантини, куќарки.

Овие кантини нудат иновации, флексибилност, интеракција со купувачот, промовирање на некој производ и позиција на поставување каде што има многу луѓе. Тие се свеж концепт во животот и можеш да тестираш нечии идеи, нудат нови кулинарски хоризонти, неочекувани комбинации, место каде што луѓето ја шират својата љубов кон храната, нудат конекција, многу динамика и постојано свежи производи.

Овие млади луѓе не се сите кувари, но готват со страст и љубов и претежно немаат свои вработени, туку самите, со своите пријатели и роднини, енергично и постојано насмеани ги готват своите оброци, внесувајќи го целиот свој дух за да добијат идеален оброк.

По мене, дефиницијата за идеален оброк би била:

„Збир на продукти и љубов – ако првите ги споиш во право време, а второто силно го чувствуваш во себе.“

Овие млади луѓе, преку своите вештини за правење брза и вкусна храна, имаат големо влијание дури и на најдобрите ресторани, кои дел од храната што се подготвува во овие кантини ја ставаат на своите менија (хамбургери со разни сосови, крцкаво пилешко, колбаси, такоси и друго), разбирливо, по многу повисоки цени.

Заклучок…

Идејата е реализирана. Битола стана Париз, Берлин, Њујорк, Прага, Љубљана, насмеани лица, сладокусци насекаде.

Голема поддршка на сите учесници за нивната досетливост, издржливост, иновација и работа на ниски температури, а придобивките нивни…

Годишен приход: минимален.

Годишен расход: максимален.

Резултат: среќа.

Драги Филевски