На 5 декември 2025 година, во 20:00 часот, фоајето на Центарот за култура во Битола ќе биде домаќин на групната изложба „МАГМА“ – проект што ги спојува модата, уличната уметност, графичкиот дизајн и електронската музика во единствено урбано искуство.
Под водство на Lom Label и Hybrid Minds, изложбата претставува креативна симбиоза инспирирана од македонската поезија, нејзините емоции и колективната меморија. Уметниците ја преточуваат оваа енергия во современи дела што поврзуваат, раздвижуваат и го носат жарот на новото културно јадро.
Проектот опфаќа:
- Нова модна колекција на модната дизајнерка Марта Дојчиновска (LOM);
- Уметнички дела од графити уметникот Драган Милованов – HYBRID MINDS;
- Графички решенија од графичкиот дизајнер и архитект Андреј Дојчиновски;
- Електронска музика селектирана од диџеите T-Zobe, Емилија Наскова и Мартина Пенева.

Целта на „МАГМА“ е да ја поврзе македонската поетска традиција со современото визуелно и музичко изразување. Преку модни парчиња и уметнички дела, изложбата создава простор во кој модата и уметноста се надополнуваат и ја замаглуваат границата меѓу себе.
Инспирацијата произлегува од моќта на македонскиот пишан збор – стиховите што обединуваат, инспирираат и предизвикуваат „лава“ од емоции.
Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам, како дел од годишната програма на НУ Центар за култура – Битола.
Изложбата ветува вечер исполнета со автентична креативна енергија и претставување на локалните уметници во нов, мултисензорен формат.





