Лутенка (или лутеница) е уште една популарна зимница која се подготвува на почетокот на есента и се консумира во текот на зимата. Зборот “лутенка” е изведен од зборот “лут, луто”. Лутенката е слична на ајварот, освен што содржи домати и има пикантен и позачинет вкус. Се разбира, можете да ја направите и нелута ако не сте љубител на луто, но тогаш тоа нема да биде лутенка нели? Алтернативните состојки вклучуваат и модри патлиџани, моркови, кромид. Ова е рецепт кој што го подготвуваме со децении. Можете да подготвите и половина од оваа доза.
Состојки:
10 кг црвени пиперки за ајвар
5 кг домати
1/2 кг лути пиперчиња
1 литарско масло за готвење
1 чаша шеќер
1 чаша вински оцет
2 китки магдонос
1 главица лук
* 1 чаша е 250 мл чаша
Подготовка:
Прво, измијте ти, исчистете ги и испечете ги црвените пиперки. Ставете ги во најлонска ќеса, за полесно да се лупат. По лупењето, оставете ги да се исцедат.
Измијте ги и исчистете ги доматите од зелените делови и ставете ги во машина за мелење месо.
Ставете го доматното пире заедно со оцетот и шеќерот во поголемо тенџере да се варат. Оставете да вријат заедно околу 30 минути.
Потоа додадете го маслото за готвење и оставете ги заедно да варат околу 1 час.
Додадете ги исчистените и сецкани лути пиперки и оставете ги заедно да варат уште 30 минути.
Во меѓувреме, исечете ги црвените пиперки во посакуваната големина и додајте ги во тенџерето. Додајте го исчистениот и исецкан лук и измиениот и исецкан магдонос. è заедно треба да се вари уште 30 минути, така што целокупното време за подготовка на лутенката е 2,5 часа.
На самиот крај, додадете 1 лажиче конзерванс и измешајте.
Истурете ја жешката лутенката во топли тегли и добро затворете ги капаците. Теглите полнете ги до врвот.
Уживајте во лутенката со топол леб и парче сирење.
Благодарност до macedoniancuisine.com