Минатиот четврток, германската аукционерска куќа “Arnold” од Франкфурт понуди една македонска слика на чешкиот сликар Лудвик Куба (Ludvik Kuba) (1863-1954) насловена „На пазар во Битола“ и нацртана во 1925 година за време на неговиот последен престој во Македонија (1925-1927).

Во 1932 година, Лудвик Куба ја објавува „Книгата за Македонија“ каде што го опишува својот двегодишен престој и каде што репродуцира слики и цртежи направени низ Македонија.

Сликата „На пазар во Битола“ ме поттикна повторно да ѝ се навратам на книгата , особено на делот поврзан со Битола. Би сакал да Ви пренесам еден фрагмент од книгата во кратки црти:

„….Тоа прекрасно августовско утро во Битола, се најдов на задното седиште на тесниот автомобил. На предните седиште седеа мојот млад возач со кадрава коса и мојот водич Кочо од Смилево.

Тргнавме кон Смилево по еден тесен и раскопан пат поминувајќи преку една набрзина направена пруга изградена од Германците за време на Првата светска војна. Од сите војски кои што поминале низ Македонија, Македонците зачувале најпозитивни сеќавања токму за Германците.

… Скоро целото машко население од Смилево е распрснато низ светот во потрага по леб за семејството. Смилевчани се познати „мајстори“ дрводелци и ѕидари. Некои од нив се дрвосечи, некои носачи на цигли, други пак отвориле дуќан некаде. Некои од нив дури го поминале Атлантикот. Секој од нив ќе се врати во еден момент дома да донеси пари, со кои не само што ќе ја поправи својата куќа туку и ќе даде пари за поправка на црквата или школото. Низ целиот Балкан се распрскани овие Македонци.

Го викаат ова патешествие „Пе-чалба“ (напишано во книгата од Куба во изговорна форма). Овој македонски збор ме потсети на рускиот збор „Печал“ кој значи „тага / жал“. Кочо е на „печалба“ ама не далеку, туку во Битола.

Пред неговата куќа, Кочо го пречекаа неговиот стар татко, жена му и ќерка му, која веднаш почна се „баци рака“ на таткото. И додека Кочо беше зафатен со семејството, јас и младиот возач го гледавме селото. Возачот ми почна муабет.

Се вика Стане, Србин е од Шумадија. Уште како дете бил регрутиран во српската војска. Во војната го изгубил целото семејство и сега е сам на овој свет.

“Нешто ќе ви кажам Господине, ама не му кажувајте на Кочо!“ – ми вели.

“Имам девојка. Многу е убава и добра по душа. Школувана е. Била на студии во Истанбул. Таа е покрстена Турчинка. Многу убаво пее. Можеби сте ја виделе? Пее во ресторанот ‘Москва’ во Битола. И таа ме сака. Барем така ми вели, а јас ѝ верувам. Би бил пресреќен ако престане да пее во тоа кафаниште, ама таа не ме слуша.

Би сакал со неа заедно да живееме во некое прекрасно место , како ова село Смилево, далеку од целиот свет. Се решив да ја побарам за жена, ама секогаш кога ќе тргнам да ја просам, губам храброст да ја прашам. Мислам на неа и ден и ноќ. Неможам да спијам, само мислам на неа.

Кога ве видов Господине како пишувате, ми текна – ќе ѝ напишам писмо и во писмото ќе ја запросам. Би можеле да ми го позајмите перцето и мастилото и да ми дадете еден лист хартија? Вечерва кога ќе се вратиме во Битола, одам право во ресторанот и ќе ѝ го дадам писмото. Ве молам Господине, дојдете вечер во ресторанот да ми го држите стравот !“

Му дадов лист хартија, мастило и перце и тргнав по Кочо да го разгледаме Смилево. Во три часот на пладне дојде време да тргниме назад кон Битола. На масата стоеше мастилото и перцето. Додека Кочо се збогуваше со семејството, јас и Стане го спремавме автомобилот за долг пат назад.

Стане му шепна “Напишав! Ве молам, ни збор за ова на Кочо!“. Карши нас имаше група млади моми кои пееја и играа. Црвените шамии им ги милуваа нивните коси.

“Каква убавина!“ викна Стане гледајќи кон девојките. “Уф колку сакам да живеам заедно со неа!“

Чекорите на Кочо кој се приближуваше кон автомобилот го разбудија Стане од дневните мечти. Автомобилот тргна. И додека Кочо со насолзени очи фрлаше последен поглед кон семејството, возачот Стане ми викна на уво: „Дојдете вечерва!“

Во Битола се најдов со некои познаници. Таа вечер со пријателите шетавме по Шурок Сокак, кога крај мене помина Стане. Си разменивме по една „Добра Вечер“.

Таа вечер пријателите не ме пуштија. Не стигнав да отидав во кафеаната ‘Москва’ и да видам како поминала просидбата. Решив да го најдам Стане следното утро и да му се извинам. Но не можев да го најдам никаде. Како ѓавлот да го однел Станета некаде. Дојде време да тргнам кон мојата следна дестинација. Моето сеќавање за Стане остана незавршено.
…..““

Можеби таа убава Турчинка по која лудувал Стане е една од момите на сликата на Куба?

Следете artlexicon