Во своето времепостоење браќата Манки создаваат илјадници фотографии, ги следат сите општествено-политички, просветно-културни и други збиднувања на еден поширок регион на Балканот, а најмногу во Битола и Битолско од крајот на 19 век и првата половина на 20 век.

Како ретко кои други имале способност да обединуваат. Кога се зборува за различните вери и припадности, обичаи и култура, сето тоа може да се најде кај браќата Манаки.

Македонски, турски, еврејски, влашки, грчки, албански и други носии и украсни елементи – на сите обединувачка нишка им се браќата Манаки.

Во смисла на интеракција со средината, дејноста на браќата Манаки ги поврзува локалните наративи, со транснационалните наративи во Европа сè до универзалните вредности на фотографската моќ да сведочи за настани, личности и места познати или непознати.

Етнографската фотографија било да е студиска или на отворен простор, е составен дел од нивната фотографска дејност.

Лицата и местата кои тие ги фотографирале, воедно се и изучување или опис на однесувањето на еден народ. специфична култура или група, односно нивната етнографска фотографија е доказ за уметноста на изработка на богати носии без разлика на етничката и верска припадност.

Лицето претставено на фотографијата го претставува и местото на кое припаѓа.
Неговиот лик е приказ на неговата личност, додека пак, неговата облека е богат приказ на местото од каде доаѓа и на кое припаѓа. Богатото народно творештво исткаено во форма на свечена облека, украсено со вез и накит, така слично, а сепак различно од село до село, од регион до регион, од еден етнос до друг, од една религија до друга, е вистинското богатство што браќата Манаки го овековечиле и го зачувале за навек.

Изложбата ќе биди поставена во фоајето на НУ Центар за култура во Битола се до завршетокот на Илинденски денови 2023 г.