Литературниот конкурс „Светлината на буквите“ ги доби најдобрите: НУУБ „Св. Климент Охридски“ Битола ги објави резултатите

од May 22, 2026 0 коментари

По повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители, Светите браќа Кирил и Методиј, Националната установа – Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола ги објави резултатите од литературниот конкурс „Светлината на буквите“, на кој учествуваа голем број ученици од основните училишта од Битола.

Од Библиотеката упатија благодарност до сите ученици и ментори кои со својата креативност, труд и љубов кон пишаниот збор беа дел од конкурсот, а воедно ги поканија наградените ученици на свеченото доделување на признанијата.

Свеченото доделување на наградите ќе се одржи на 1 јуни 2026 година (понеделник), со почеток во 12:00 часот, во просториите на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола.

Во категоријата поезија, првите места ги освоија Галена Дамјановски од ООУ „Стив Наумов“, Ана Бучуковска и Магдалена Јанкулоска од ООУ „Коле Канински“, како и Илина Силјановска од ООУ „Гоце Делчев“. Вторите места им припаднаа на Ирина Спировска, Николај Ивановски и Стефан Шарковски, додека третото место го освоија Илијана Страчковски, Јана Ѓоргиев и Марија Котевска.

Во категоријата проза, првото место го освоија Магдалена Житошанска, Илијан Унчевски, Давид Трајковски, Јана Лазаревска и Бојана Љамчевска, додека второто место ѝ припадна на Мартина Јошевска. Третото место го освоија Михаил Веловски и Меланија Бејковска.

Од НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола истакнуваат дека конкурсот уште еднаш покажал дека младите имаат исклучителен талент и силна желба преку литературата да ги изразат своите мисли, чувства и креативност.

„Ви благодариме што ја негувате љубовта кон пишаниот збор и ја чувате светлината на буквите“, порачуваат од Библиотеката.

Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам на Р. Македонија.

Babam Bitola

Comments are closed.