Битола и официјално ја отвори новата ракометна ера. На денешната прес-конференција, трофејниот хрватски стратег беше претставен како нов шеф на стручниот штаб на Еурофарм Пелистер.

Пред бројните претставници на медиумите, Червар за првпат позираше со зелено-белиот дрес, испраќајќи јасна порака дека во Битола доаѓа со голема мотивација и амбиција за нови успеси. Искусниот стратег нагласи дека е свесен за традицијата, големината и очекувањата кои ги носи клубот, ветувајќи максимална посветеност и професионален пристап во работата.

На официјалното претставување присуствуваа и членовите на неговиот стручен штаб, кои заедно со Червар ќе го водат шампионот во претстојните предизвици на домашната и меѓународната сцена.

Според планот на клубот, прозивката за новата сезона е закажана за 26 јули во Битола, по што ракометарите ќе ги започнат подготовките. Освен тренинзите во Битола, дел од подготовките ќе бидат реализирани и во Словенија, каде екипата ќе ја темпира формата за новата натпреварувачка сезона.



Со доаѓањето на Лино Червар, Еурофарм Пелистер добива едно од најголемите тренерски имиња во европскиот ракомет, а битолската публика со нетрпение го очекува почетокот на новото поглавје во историјата на клубот.






