Денес една легенда по повод празникот св.Никола. Според локалната христијанската традиција, некогашната црква Свети Никола, е претворена во џамија за време на доаѓањето на Османлиите во Битола и била попозната како Скршена џамија. Таа претрпела големи штети од бомбардирањето на артилеријата во Првата светска војна.
Џамијата била посетена и од муслиманите и од христијаните, кои ги палеја своите свеќи на источниот ѕид, еден вид на заедничко верско дружење кое не се памети никаде на друго место. Оваа некогашна црква, на крајот џамија, популарно позната како “Скршена џамија” се наоѓала во јужните делови од градот, сегашното паркиралиште позади зграда Грозд и била најверојатно изградена во 16 / 17 век. Истата во 70тите години од минатиот век била рушена за да се изгради големиот комплекс од станови, три ламели, кои ние битолчани ја викаме зградата Грозд.
Рушењето на Скршена џамија / црквата св.Никола во Битола била пропратена со големи трагедии и несреќи. Најпрвин никој не се нафаќал да направи такво нешто. Единствениот кој што учествувал во нејзиното рушење бил затвореник од Идризово на кој му било обетено драстично намалување на неговата голема затворска казна, за што тој и се нафатил ( раскажување од локалните станари од зграда Грозд ).
“Тој бил меѓу првите храмови во градот, во социјализмот кој бил срамнет до темели за на негово место да се изградат други урбани целини. Битолчани раскажуваат дека една од ламелите се рушела од ништо, с’е додека во темелите не ставиле икона од светецот” ( Жанета Здравковска -Дневник )
Имало вода која извирала во џамијата / црквата и за која се раскажува дека била света и лековита. По кажување на тамошните станари послем изградбата на ламелите таа била спроведена во локалната канализација. Денес битолчани на овај ден, св.Никола, палат свеќи во паракливчето кое е во близина на самата зградата Грозд. Иконите кои постоеле тука биле преместени во сегашната црква св.Никола која се наоѓа во нас.Боримечка ( раскажување од битолчанецот Димитрие Гина ).
Различните вери и традиции никогаш во Битола не преставувале проблем за битолчани. И ден денес тие заедно се дружат и почитуваат помеѓу себе, одлика која е преставена и преку овај пример од заедничко чествување. Пример кој сигурно го нема надалеку во светот.
Честита слава св.Никола на сите кои ја чекаат, честито Име на сите Николовци, нека е на помош и за многу години празникот битолчани !