Одејќи кај Кривата воденица над градо Битола, коа ќе излезиш да завлезиш помеѓу лозјата Бадем-баалари, наречени од Турците, имат еден турцки гроб, соѕидан со еден зид од камен, колку десет чекори долго и толку широко, а внатре во гробо е празно, со трева пораснато. Во тој гроб имало закопани во старо време една девојка Туркиња со четириесет нејзини деца.
Таа девојка родила четириесет деца во дваесет и четири саати и сите деца биле машки, малечки како некој пилци и сите умреле.
Најпосле, откоа беше ‘и дородила децата девојката, и таа беше си умрела и тамо ја закопале сосе четириесетте и деца. И за приказ се напраил тој гроб и го нарекле Крк кардаш.
Турците како за светија ‘и имаат тие четириесет браќа, та му определиле стари жени за да му палат ката петок свеќи и кандило.
Преземено од:ПРЕДАНИЈА, Книга седма
Автор: Марко К. Цепенков
Редактирал д-р КИРИЛ ПЕНУШЛИСКИ
Соработник БЛАЖЕ ПЕТРОВСКИ
Издавачи МАКЕДОНСКА КНИГА ИНСТИТУТ ЗА ФОЛКЛОР
СКОПЈЕ -1980