На неколку километри од Битола, на местото каде што се соединуваат Братиндолската река и реката Драгор се наоѓа една масивна карпа, наречена Бимбиљкамен. За потребите на новиот пат кој води од Прилеп према Охрид истата е преполовена и разрушена со динамит. Во врска со името на оваа карпа легендата вели дека за време на турското ропство во нивите кои се наоѓале покрај патот имало голем број аргати кои работеле од утро до мрак. Нивите биле сопственост на некојси бег Иса, кој бил голем љубител на птиците и во неговиот двор секогаш можело да се слушне слаткогласно ѕвркотење на најразновидни птици.

                                                                           Карпата гледана одоздола

Еднаш бегот нашол некое гнездо од птица и во него едно малечко бимбиљче, кое уште не можело да летне. Иса бег ја зел малата птичка и ја ставил во специјален кафез. На неговите слуги постојано им велел да се грижат за бимбиљчето. Тој се надевал дека птичката брзо ќе порасне и дека ќе го развеселува неговиот дом. Вистина, пораснала, но секогаш била натажена и постојано удирала со крилјата по кафезот. Очигледно, нејзе не и била доволна грижата и убавата храна што а ја давале слугите. Таа копнеела да излезе од кафезот и слободно да летне во сините височини.

 

Еден ден бегот го отворил кафезот. Птичката летнала, paдосно мавтајќи со крилјата. Но таа секогаш доаѓала кај нивите на бегот, застанувала на некоја врба и заносно и слаткогласно пеела, радувајќи и се на слободата. Аргатите биле толку восхитени од нејзината песна, што ја оставиле работата и постојано ја слушале. Но, сето тоа на бегот не му се допаѓало. Тој бил налутен што бимбиљчето не пеело кога било во неговиот дом, а сега пеело и им го одвлекувало вниманието на аргатите од работата.

 

Затоа Иса бег решил да ја отепа птичката. Еден ден кога дошол да ги надгледува аргатите, видел дека тие ништо не работат, туку ја слушаат песната на бимбилчето. Стрелал со пушката и смртно го ранил. Умирајќи, тоа се претворило во камен, а каменот израснал во голема карпа. Аргатите жалеле што останале без песната на билбилчето и во спомен негов карпата ја нарекле Бимбиљкамен.