КУЌАТА НА ЌУКА И НАТПИСОТ ШТО ПОВТОРНО ПРОГОВОРИ

од • November 2, 2026 • 0 коментари

На Широк Сокак има куќи што битолчани ги препознаваат по презимето на сопствениците, други по дуќанот во приземјето, а трети по установите што со децении работеле во нив. Некогашната Солунска банка ги собира сите овие спомени под еден покрив. Во нејзината приказна се среќаваат семејното име Ќука, старата битолска трговија, банкарските амбиции на градот и еден натпис што долго време бил скриен под малтерот.

Куќата била во сопственост на фамилијата Ќука, поврзана со богат трговец доселен од Крушево во Битола. Во книгата „Градби“, Александар Стерјовски го споменува Коста Ќука меѓу познатите битолски трговци со железо, заедно со браќата Пренда и Васил Зоѕи. Тоа е пишана трага за едно трговско име, чија поширока семејна историја заслужува да биде истражена, но за жал како што времето одминува така заминуваат и семејните врски кои можеле нешто да ни раскажат.

Трговијата со градежни материјали била тесно поврзана со животот на градот. За секоја нова куќа, дуќан или работилница биле потребни материјали, мајстори и пари. Зад убавите фасади на Битола стоеле и деловните врски на луѓето што ја снабдувале градбата, преземале ризик и го вложувале заработеното во имот и во нови зделки.

Куќата што подоцна останала позната како Солунска банка се наоѓала во близина на некогашниот Пекмез-пазар кој денес за жал не постои. Таквата местоположба ја доближувала до трговското секојдневие на Битола, до местото каде што се договарале цени, се купувало, се продавало и се барале средства за следната работа.

Во 1893 година Солунската банка отворила филијала во Битола. Преку неа се одобрувале трговски кредити и се вршел пренос на пари во странство. За град со развиени трговски врски, овие услуги биле важен дел од деловното работење.

Самата банка била основана во 1888 година. Зад нејзиното создавање стоеле солунската трговска и банкарска куќа на браќата Аллатини и финансиски установи од Париз, Виена и Будимпешта. Битолската филијала била дел од таа поширока мрежа, преку која локалната трговија се поврзувала со финансиските средишта надвор од градот.

Но куќата не ја раскажува оваа историја само преку документи. Ја носи и на својата фасада.

Неокласичното обликување, декоративните гирланди, акантусовите лисја и школките, заедно со елементите на југендстил, ѝ даваат препознатлив изглед. Над секојдневното движење на минувачите останал и траг од некогашната банкарска намена, кој со години не можел да се види.

Во ноември 1983 година, при конзерваторски работи, под слојот малтер во горниот дел на фасадата бил откриен стар натпис. Бил изведен со арапско писмо, употребувано во османлискиот турски јазик, во украсна калиграфска форма. Натписот го означувал името на Солунската банка.

Со отстранувањето на малтерот повторно станал видлив еден дел од идентитетот на зградата. Она што за минувачите можело да изгледа како обична стара фасада, повторно добило име и историска содржина.

По Првата светска војна, во објектот започнало ново банкарско поглавје. Во 1920 година тука била основана Битолската банка како акционерско друштво, со акции во сопственост на битолчани. Во неа се огледувала амбицијата локалниот капитал да добие сопствена финансиска установа.

Меѓутоа, околу 1930 година банката западнала во големи долгови. Во 1932 година Министерството за трговија започнало постапка за нејзина ликвидација. Со тоа завршила една деловна замисла, но животот на куќата продолжил.

До 1945 година во неа работела гостилницата „Гурман“ на Кирил Костов. По ослободувањето просториите ги користело хотелско – угостителското претпријатие „Хунап“, а извесно време тука бил сместен и Народниот музеј на битолскиот крај, пред неговото преселување во 1952 година.

Потоа повторно дошла банка, Комунално-инвестициската, а од 1965 година просторот го користело „Геобиро“ за геолошки и рударски истражувања. Во подоцнежните години дел од градската меморија станал и локалот „Ал Хамбра“.

Така, различни генерации ја паметеле истата адреса по различна причина. За едни била банка, за други место поврзано со музејот или со работата, за трети дел од вечерниот живот на Широк Сокак.

Во октомври 2026 година објектот повторно доби банкарска функција.

Куќата продолжила да живее со градот.

Во нејзината историја остануваат и трговското име Ќука, и Солунската банка, и акционерите на Битолската банка, и сите подоцнежни корисници. Секој оставил свое поглавје. А високо на фасадата, натписот откриен под малтерот потсетува дека понекогаш е доволно внимателно да се погледне една куќа за Широк Сокак да почне да раскажува.

Зоран Ѓоргиев, ,,Приказните од Широк Сокак 3″

Извори:

– Александар Стерјовски, „Градби“, стр. 280, белешка 945. Кости Кука е наведен во делот за трговијата со железо; Стерјовски упатува на Трајче Грујоски, „Битола“, стр. 84.

– За куќата, натписот и промените на намената: објавата „Солунската банка во Битола“ и описот на објектот во Bitola Tour Guide. За натписот, Стерјовски библиографски го наведува трудот на Роберт Михајловски „Новооткриен турски натпис на зградата на Геобиро – Битола (Солунска банка)“, Зборник на трудови 4–5, 1983/84, стр. 161–167.

– Основачката година е исправена во 1888: ја потврдуваат архивскиот опис на Историскиот архив на Националната банка на Грција и финансискиот годишник од 1927 година.

Babam Bitola

Comments are closed.