На Камен мост, на самиот почеток на Широк Сокак, се издига една од највпечатливите архитектонски градби во Битола, куќата на Марика и Климент Спростран. Со својата раскошна фасада, препознатливо кубе и уникатен стил, таа повеќе од еден век е нем сведок на животот во градот.

Куќата е наследство на Марика Спростран, ќерка на прочуениот битолски банкар Мирко Тодорчески-Сарафот. Во времето кога радиото било вистинска реткост, токму од ова семејство секое утро започнувало собирањето на соседите кои доаѓале да ги слушнат вестите од далечните европски метрополи. За многумина тоа бил првиот прозорец кон светот.

Климент Спростран, образуван во Француската гимназија во Битола и дипломец на Трговската академија во Белград, оставил значаен белег во стопанскиот и општествениот живот на градот. Подоцна бил и директор на Народната банка во Битола.
Старата куќа на ова место била оштетена во Првата светска војна, а на нејзините темели никнала денешната градба, вистински архитектонски бисер. Според семејните сеќавања, нејзината внатрешност била подеднакво импресивна како и надворешниот изглед, со богати детали, балкони и простории исполнети со духот на едно минато време.

Денес, куќата на Марика и Климент Спростран останува еден од најфотографираните симболи на Битола, место каде историјата, архитектурата и спомените се среќаваат на самиот почеток од најпознатата битолска улица.
Повеќе и целиот текст го имате во вториот дел од ,,Приказните од Широк Сокак ”
Книгата носи 16 приказни за луѓето, куќите, хотелите и настаните што го создадоа духот на најпознатата битолска улица. Меѓу нив е и приказната за Куќата на Марика и Климент Спростран, архитектонската убавица на Широк Сокак, но и многу други досега малку познати или заборавени сведоштва за градот како музејот на композиторот Раул Винеј и неговите избрани дела во Битола, куќата на фамилија Дораковски, Пајмаковци, конзулот Марсел Де Вос, куќите на др. Вафијадис и д-р Страла, куќата на Леви и Касорла, клиниката на д-р Продром Папасимеон, човекот кој го градеше здравјето во Битола, хотелите „Јевтиќ“, „Босна“ и „Централ“, куќата на фамилијата Ризови и нивното наследство, фамилиите Наумовци и Талев Ѓорѓиевски.

„Приказните од Широк Сокак 2“ не е само книга за една улица. Тоа е книга за луѓето што ја создадоа Битола, за нивните животи, визии, успеси и траги кои остануваат и денес.
Можете да ја најдете во книжарницата Books House, до старата Општина сега Бар Општина.
