House of jewish dentist Mendoza in Monastir
Градот Битола е музеј под отворено кога станува збор за материјалните богатства што нашите поранешни сограѓани Евреите ги оставиле. Битолчани, не знаејќи или не обрнувајќи внимание, секојдневно минуваат покрај убавите и великолепни Еврејски куќи,покрај старите Еврејски дуќани, остатоци од градби,кои се така останати од времето на нивното создавање,криејќи ја нивната приказна која е застаната во времето и присилно прекината во раните мугри на 11 март 1943 г.
Една од тие застанати приказни,една од многуте кои е така оставена осамена е куќата на познатиот забар Евреинот Елдад де Мендоза од Битола.
Куќата се наоѓа на самиот агол каршија Стопанска Банка-Битола.Во тоа време,почетокот на 20ти век,било престиж и еден статус повеќе да се има куќа на агол од улица а и цената на куќите била далеку поголема.
Елдад де Мендоза е роден далечната 1903г. со сопруга Дора р.1907 и неговите ќерка Бети р.1930г. и син Аднер р.1932 г.и се од фамилија која води потекло од Ладино Евреите од Шпанија и Португалија кои беа протерани во 15тиот век.
Во нивниот најголем раст Евреите во Битола достигнаа до бројка од 10.000 но поради војните,несигурноста на капиталот,слабеењето на Битола како значаен стопански град во сооднос со Солун,Скопје и Белград,пред Втората Светска Војна,остануваат само 3000 и тоа најсиромашните,кои живеат на левата страна од река Драгор (делот од сегашните згради на Едвард Кардељ,Цане Василев и И.Милутиновиќ) во импровизирани сиромашни трошни куќарки во кои некаде имало дури и по 40 души во една.Тие неколку побогати што останале,малкумина на број,живееле на десната страна,како забарот Мендоза со неговата фамилија.
Мендоза бил дипломиран стоматолог,истакнат заболекар во Битола или Монастир како Евреите милуваа да си го викаат,кој своето знаење и школување го стекнал во далечните Солун и Белград,каде што иако можел да остане се враќа во неговата куќа на ул.Крал Петар бр.40, чесно си го работи својот занает и го прехранува своето семејство.Се до утрината на тој фамозен 11 Март 1943 г.од каде заедно со неговата фамилија,Дора,Бети и Аднер со чанти и торби во рацете,пред пушка беа одведени од нивниот дом во битолскиот Монопол.
Неговиот комшија Димитар,кој живеел во негова близина,тоа утро наѕирајќи преку прозорецот видол една група на Евреи (мажи, жени, деца) како се движеле во правец кон железничката станица во придружба на бугарската војска и полиција кои биле туркани со нивните пушки.Во групата ги препознал забарот Мендоза со неговите две деца.
“Тоа беше облачно утро,еден тажен ден. Доктор Мендоза одеше гордо, со ранец на грбот, држејќи го за раце својот син.”
Со погледот ги испратил на нивното последно патување,не можејќи да излези од својот дом поради блокадата од бугарските војници и агенти.
Куќата на забарот Мендоза сеуште и ден денес е на истото место како некогаш кога го красеше центарот на стара Битола со нејзината грациозност,големина и убавина.Осамена чека подобри времиња кога ќе ја осветли својата тажна приказна и ќе си го добие заслужениот сјај кој некогаш го имала како дел од Монастир.Чека да биде исправена и горда како нејзиниот некогашен газда,забарот Мендоза,”држејќи”не за раце нас битолчани,децата на Битола…бабам Битола.
Зоран Ѓоргиев