Во центарот на Битола.На самиот Широк Сокак.Една убава куќа со уште поубава приказна.Куќата на Бебека…
Нејзиниот дедо Михајло Замаули беше еден од првите гинеколози во Битола.Тој умира млад и во куќата останува неговата жена Василики и ќерка Марика.Василики имала необично хоби.Таа везела со природна коса,а некои од сликите кои се чуваат и ден денес како реликвија во семејството се вистинско уметничко чудо.Ќерката Марика раскажува дека никој не сакал да и даде отсечена коса бидејќи верувале дека правела магии со неа.По 20 години живот Марика се омажи за адвокат од Охрид Христо Милошев.Тој по студиите во Белград продолжил таму и 1937 г.ја направил свадбата со Марика.По венчавката тие доаѓаат во Битола и го продолжуваат заедничкиот живот со двете баби-Василики и Катерина.
И по мажачката Марика сега заедно со сопругот Христо продолжила убаво да живее.Уште ги памети баловите што постојано се одржувале во Офицерски дом како и во хотелите Босна и Македонија.Битолчанки и денес се сеќаваат на фустаните и накитот што ги носела Марика,та се чекал секој следен бал за да видат што е најново во светот на модата.Марика и Христо многу патувале а таа секаде каде што оделе купувала нешто што во моментот е најмодерно.Само за илустрација,нивниот свадбен пат траел една година при што ја минале цела поранешна Југославија,Италија,Франција,Германија и Австрија.
Христо Милошев бил познат адвокат,вредлив и штедлив.Со сопствени пари купил зграда во Белград која ја издавал под кирија и денес поради политичките односи семејството ја има изгубено сопсвеноста на овој објект.
Марика и Христо добиле две деца-Нада и Василики кои откако пораснале заедно со родителите патувале низ светот.Желбата за запознавање на нови простори била семејна страст.
Така било се до Втората светска војна кога најголемиот дел од имотот им бил национализиран.Семејството не само што ги загубило куќите и овоштарникот од стариот Михајло,туку им била одземена и куќата и биле сместени во две помошни простории на приземјето.Дури по 55 години куќата им била повторно вратена на Замаули.И сега таму живее Нада која сите ја знаат како Бебека и се сеќаваат на едни убави времиња и на оние чие име го пренеле низ годините….
текст извадок од книгата Стари семејсва на М.Апостоловска