Главниот ансамбл на КУД „Илинден“ од Битола вечерва настапи во рамките на XIX Фестивал „Бисерна Грана“ во Нови Сад, уште еднаш претставувајќи го македонскиот фолклор и традиција пред меѓународна публика.

Битолските играорци беа дел од концертот „Из корена растемо“, на кој настапија заедно со АНИП КЦ „Младост“ од Футог.
Вечерта беше збогатена и со учеството на музичари и солисти од Шпанија, Словачка и Србија, создавајќи вистинска средба на различни култури, музички изрази и фолклорни традиции.

Настапот во Нови Сад е уште едно меѓународно претставување на КУД „Илинден“, кое преку песната, орото и македонската носија продолжува да ја носи Битола и македонската традиција надвор од границите на земјата.

„Бисерна Грана“ традиционално е место каде различните култури се среќаваат преку фолклорот, а годинава дел од таа приказна се и битолските играорци.



