Седум децении љубов, посветеност и неуморно чување на македонската традиција! Културно – уметничкото друштво „Илинден“ – Битола со гордост го најавува својот јубилеј – 70 години постоење! Со секој настап, КУД „Илинден“ ја збогатува нашата културна ризница, негувајќи ги обичаите, материјалното и нематеријалното културно богатство, чувајќи ја убавината на македонскиот фолклор. Посветеноста и упорнота на сите членови ова друштво го издигна во вистински амбасадор на традицијата, пренесувајќи ја својата магија од генерација на генерација.
Низ овие седум децении, „Илинден“ се изгради како водечки носител на македонската културна сцена, инспирирајќи ги новите генерации да го негуваат македонското културно наследство. Илјадници игроорци, раководители, корепетитори и музичари го вградија својот труд, талент и љубов во ова друштво, носејќи ги македонските ора, песни и тадициоланли носии на сцените ширум светот. Од локалните настапи во Македонија, преку престижните фестивали во Европа и Светот, па сè до големите меѓународни признанија – „Илинден“ со гордост и достоинство ја претставува Македонија, докажувајќи дека традицијата не е само минато, туку и иднина што продолжува да се гради.
Под слоганот „70 години од кога започна сѐ…“, „Илинден“ продолжува да пишува нови поглавја во својата уникатна приказна. Овој јубилеј е потсетник дека секој настап, секој момент на сцена е продолжување на традицијата. Инспирација која се крие во секој нов чекор, секоја нова генерација која се придружува на патот на ова друштво. Заедно со овој јубилеј, се потврдува дека традицијата не е само нешто што се памети, туку нешто што секојдневно се создава и обновува.
Како дел од 70-годишниот јубилеј, тој ќе биде одбележан со низа настани – концерти, ревии, изложби и многу повеќе, создавајќи моменти за паметење и можност сите љубители на фолклорот да бидат дел од ова значајно поглавје.