ЧЕКОР ПОБЛИСКУ ДО ЗАЕДНИЧКАТА ЦЕЛ – КРОМБЕРГ & ШУБЕРТ МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ БИТОЛА ГО ПРОСЛАВИ 6000-тиот ВРАБОТЕН

КРОМБЕРГ & ШУБЕРТ МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ Битола, во натамошниот текст: КШМК, оперативно работи веќе скоро 6 години во Битола, а првите чекори ги оствари кога првата група на вработени, оператори во производство, ја започна својата обука во Ноември 2012 г. во просториите на АВРМ – Битола.

Со тогашните 153 вработени започна и производството на кабелските снопови за проектот за
Mini Cooper како првенче на КШМК, за потоа да се приклучат проектите BMW X1, Mercedes Vito & Mercedes V-Class, Audi A4 и проектот кој моментално е во фаза на имплементација – Mercedes Sprinter.

Бројот на вработени во изминатите години постојано се зголемуваше за денес, КРОМБЕРГ & ШУБЕРТ МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ Битола да го прослави 6000-тиот вработен!

Процесот на масовни регрутации кој се случуваше изминатите месеци е резултат на имплементацијата на новиот проект за Mercedes Sprinter за кој дополнително ќе се вработат нешто повеќе од 1000 вработени.

Оваа компанија не залудно се нарекува себе си големо семејство. Во прво време во оваа компанија имаше вработени само од градот Битола, за денес таму да работат луѓе од целиот пелагониски регион вклучувајќи ги Прилеп, Ресен, Демир Хисар и Крушево.

Исто така интересот за вработување во КШМК е голем и во другите подалечни градови за кои што се размислува како да им се излезе во пресрет за да можат луѓе од другите краеви на Македонија да започнат да работат во оваа компанија која полека прераснува во најголемиот работодавач во нашата држава.

Минатата година во КШМК се вработија 3000 граѓани, број што е повеќе од двојно поголем од бројот на вработени кои дотогаш работеа во КРОМБЕРГ & ШУБЕРТ МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ Битола.

Вработувањата кои ќе следат во наредни неколку месеци се финални според плановите на компанијата и откако ќе се заврши со тој процес, енергијата и ресурсите ќе се насочат кон консолидација на тимовите и стабилизација на процесот на производство после огромниот раст со кој се соочи фабриката.

Кога разговаравме со претставници и вработени на КРОМБЕРГ & ШУБЕРТ МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ Битола ни рекоа дека се горди што денес можат да се „пофалат“ со оваа импозантна бројка на вработени и да бидат пример за колектив кој и покрај величината, функционира професионално, сплотено и заеднички.

За себе велат дека градат еден поинаков начин на управување и промена на стереотипите кои, за жал, сеуште се присутни во државата иако е 21-ви век и додека во светот се прават планови како човештвото да се насели на други планети, ние сеуште се „занимаваме“ со застарени проблеми.

Како што кажуваат од КШМК, нивната цел е да направат „Македонија во мало“, односно да сплотат најголем број на луѓе од што повеќе градови на едно место кои ќе се заљубат во Битола и на тој начин ќе си го обогатат животот себе си и на другите со нови искуства, знаења, пријатели. Велат, ако успее тука, тогаш можеби има шанси да успее и во државата за да се вратат луѓето на вистинските вредности и повторно да поверуваат и препознаваат добрина, чесност, професионалност и сигурност.


Во чест на овој убав ден за големиот тим на КШМК, во прилог можете да погледнете неколку фотографии од кои може да се види како напредувала оваа компанија во последните 6 години постоење, како и лични искуства од вработените во различни оддели и на различни работни позиции. Им честитаме на сите 6000 вработени и им посакуваме уште поголеми успеси во иднина.