„Градовите не треба да бидат дизајнирани за автомобилите, туку за луѓето.“

Париз е во срцето на урбаната трансформација – улици што повторно им припаѓаат на пешаците, велосипедски патеки што ја дефинираат мобилноста на иднината и зелени површини што го менуваат начинот на кој дишеме во метрополите. Кристоф Најдовски, заменик-градоначалник на Париз и човек со македонски корени, е еден од клучните умови зад оваа револуција.

пишува Љубица Ангелкова

Човекот што му подари зелени бели дробови на Париз

Во интервјуто за НУЛТА, Најдовски зборува за тоа како успеал да го претвори Париз во град на 15-минутната мобилност, како урбаните шуми стануваат новите бели дробови на метрополата, но и зошто Битола и другите македонски градови треба да ја прифатат истата визија:

„Никој не сака да живее во град што те заморува, што те гуши. Градовите мора да бидат места каде луѓето се движат слободно, без страв, без загадување. Мораме да размислуваме за иднината, а тоа значи – помалку асфалт, повеќе живот.“

Во време кога урбаните средини се борат со загадувањето, сообраќајниот хаос и климатските предизвици, Најдовски нуди решенија што веќе стануваат реалност во Париз. Но, неговата приказна не е само за француската престолнина – туку и за тоа како едно дете што летувало во Битола, меѓу тесните улички и старите дворови, го понесе чувството за простор што им припаѓа на луѓето.

Париз е град на светлината, историјата и вечниот метеж. Но во последните години, нешто поинакво го обликува францускиот главен град – визија за урбан простор каде луѓето се пред автомобилите, каде улиците се место за движење, а не за застој и каде градот дише слободно, без товарот на гушење во сопствениот сообраќај.

Во срцето на оваа револуција стои Кристоф Најдовски, човек со македонски корени, кој не е само политичар, туку визионер што го редефинира начинот на кој живееме во градовите. Како заменик-градоначалник на Париз, неговото име е поврзано со најрадикалните урбани трансформации – пешачките зони, зелените коридори, урбаните шуми и проширувањето на велосипедската инфраструктура што го претвора Париз во метропола на иднината.

Но неговата приказна не почнува со инфраструктурните проекти, туку со детството во Битола, меѓу мирисот на печена пиперка, питулици и звуците на улици што некогаш ѝ припаѓале на луѓето, а не на возилата.

Целосното интервју прочитајте го ТУКА

Извор Нулта.мк