На 02 февруари 2026 година, во графичкиот кабинет на СОУ „Таки Даскало“ – Битола, се одржа креативна работилница во рамки на проектот „Прочитај ја љубовта“, како дел од континуираната и успешна соработка помеѓу НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола и графичката струка при училиштето.

Во работилницата учествуваа ученици од прва, втора и трета година од графичката струка, кои под менторство на професорките Весна Мундишевска-Велјановска, Снежана Паскова и Катерина Спасовска-Маурдева, наставници по графички стручни предмети, изработија креативна палета на производи од областа „Преработка на хартија“. Тематски, изработките беа посветени на книгата, љубовта и виното.

На реализацијата на оваа работилница ѝ претходеа и подготвителни активности, кои се одвиваа во периодот од 23 до 29 јануари, со учество на околу триесет ученици од прва до четврта година од графичката струка.

Проектот „Прочитај ја љубовта“ ќе продолжи и во наредниот период со уште неколку креативни работилници, а сите изработки ќе бидат презентирани на заедничка изложба во холот на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, по повод 14 февруари, Денот на виното и љубовта.