Во просториите на библиотеката денеска се одржа креативна и едукативна работилница со ученици од четврто одделение од ООУ „Даме Груев“ – Битола. Активноста беше реализирана во соработка со наставничката Јасмина Поповски и образовниот асистент Тања Котевска-Бабаровска.

Работилницата помина во инспиративна атмосфера, во која учениците имаа можност да ја изразат својата имагинација и да ја развиваат тимската работа преку изработка на сопствена книга. Во првиот дел од активноста, децата пишуваа мисли и пораки за значењето на книгата, преточувајќи ги своите идеи и чувства на хартија.

Потоа, учениците работеа на компјутер, каде се запознаа со основите на уредување текст, обликување на содржината и подготовка на материјал за печатење. Со голем ентузијазам и креативност, тие изработија и уникатна корица, со што на книгата ѝ дадоа личен и препознатлив печат.

Во завршниот дел од работилницата, страниците беа внимателно составени и поврзани во една целина. Радоста и гордоста беа видливи кај сите учесници, кои си заминаа со ново знаење, стекнати вештини и сопствено авторско дело – траен спомен од заедничкото дружење и творење.

Учениците ги испрати директорката на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, м-р Емилија Стефановска-Давкова, која упати топла покана тие почесто да ја посетуваат библиотеката, да другаруваат со книгата и да продолжат да ја негуваат својата креативност.