„Ко вчера да беше…“ – така ја започна својата приказна Јапанот, враќајќи се четири децении наназад. Средина на осумдесеттите години, пред спортската сала „Младост“. Се тргнувало на гостување во Лесковац, а пред објективот застанале момците кои тогаш ја пишувале првата страница на една голема битолска приказна.

Од лево на десно: Александар Крт, Љупчо Зелка, самиот Јапан, еден непознат јунак, Митко Чколбан, Кељтано јуниор, Флоре, Гоце Монгол, Оливер Цици, Пеце Грко, Иљо Папа, Сашо Карпош, Миле Сајпо, Боби Чалтон, Скопјето, Зоки Овац, Сиљано и Шптка. „Секако,“ рече тој, „со нас беа и Ефто, Кенан, Хондо и плеада други битолски навивачки ликови. Да не се навреди некој што не е спомнат – сите сме дел од истата слика.“

За него, 1985 година претставувала пресек. Битола секогаш имала навивачи – град со спортска душа не може без нив – но тогаш започнала една нова приказна: Чкембари. Навивањето ги обединило момците од сите делови на градот. Тоа не било само пеење на трибина, туку стил на живот: организација, љубов, пасија, фанатизам и братство.

„Следевме што се случуваше во Југославија и странство, но секогаш бевме свои, препознатливи,“ вели Јапонот. „Се сменија генерации, многу другари повеќе не се со нас, но сите сме дел од мозаикот што се вика Чкембари.“

За него, континуитетот е најголемата сила на групата. Имало успони и падови, но љубовта и поддршката никогаш не стивнале. „Чкембарите се симбол на Битола, нераскинлив дел од Пелистер. А љубовта кон клубот – нека биде вечна.“

„Ко вчера да беше, брат.“

Никола Талевски Јапан