Битола кон крајот на XIX и почетокот на XX век бил привлечен и атрактивен град. За неговиот изглед допринесувале изградените објекти, како и трговската мрежа. Освен старата архитектура се граделе објекти во кој бил застапен стилот на ренесансот, барокот и неокласицизмот. Покрај џамиите, особено внимание привлекувале Дебојот изграден во  XVII век, Зандан Куле, црквата „Св. Богородица“ изградена во 1872 година, Јени амам во XVIII век, Саат Кула во XIX век, како и црквата „Св. Димитри“ изградена во 1830 година.
Од овие објекти по своето архитектонско и културно национално значење за минатото на градот карактеристични се Саат Кулата висока 35 метри како масивен објект граден во центарот на градот. Според раскажувањата на населението турската администрација собрала во битолските села 60 илјади јајца кои се употребени за ѕидање заедно со малтерот за да бидат ѕидовите поотпорни и поцврсти.
Црквата Св. Димитри била подигната со прилози на граѓани од градот и лица надвор од него кои биле под влијание на еленистичката култура и цивилизација. За градење на црквата била дадена согласност од турските власти под услов истата да биде со скромна незабележлива надворешност. Внатрешноста на црквата била декорирана со богати иконостаси. Во оваа црква долго време под отоманската империја славјанската писменост и култура немале пристап.  
Се претпоставува дека црковната служба на славјански јазик и славјанска азбука за првпат била употребена во Битола во малата црква „Св. Недела“ (1863) на периферијата на градот, а прилично покасно и во самиот град во црквата Св. Богородица (1870/71).  Како први појци на славјански јазик во црквата Св Недела се споменуваат двајцата браќа, некои си Мане и Перо Чановци – Каранџулови кои за таа цел биле доведени од Прилеп.
Во тогашните прилики на градот главен збор во трговијата на големо имале одредена категорија на граѓани меѓу кои се споменуваат браќата Робевци, браќата Данабаси (Данбаш) и Икономовци. Овие трговци развивале своја дејност во Солун, Лајпциг, Виена, Вариград, Марсеј, Лондон, Атина, потоа Белград, Ниш, покривајќи ги потребите на Битола, Прилеп, Охрид, Крушево и др. со градежен материјал, стакларија, бижутерија, железарија и текстилна стока.
Богаствата кои ги стекнале овие фамилии се изразуваат преку нивните новоизградени прекрасни домови. Се градат куќи во кој е застапен стилот на ренесансот, барокот и неокласицизмот. Во редовите на овие граѓани, како што се фамилијата Робеви, Никаруш, Михаил Икономов, доктор Аврам Балабан, а во поновиот период Јован Алтипармаков, доктор Михаил Попов, Михајло Папазоглу и Димитар Попдимитров, било застапено и одредено библиофилско богатство од приватни библиотеки со богат разновиден фонд на книги.
Во овој период (крајот на XIX и првата декада од XX век) за градот е карактеристично движењето на населението кое се евидентира од 70 до 80 илјади жители со тоа што Турците го вбројувале и гарнизонот на турскиот аскер со питомците на Военото училиште во градот, во кое го обавил своето школување реформаторот на Отоманската империја Кемал паша Ататурк.
Тогашниот степен на економски развиток на градот, стокопаричниот промет и развиеното занаетчиство на крајот од XIX век го привлекол и европскиот капитал. Така во овој историски интервал, во Битола се појавуваат и првите банкарски организации.
Меѓу првите во градот својата парично-кредитна активност ја развивиле филијалите на Цариградската Отоманска банка и Солунската Салоник банка. Во овие банки бил вложен здружен европски капитал. Посебно средствата на францускиот капитал имале значајно влијание во кредитирањето на стопанската и општествената политика во градот.

Првата Отоман банка, со својата централа во Цариград и филијала во Солун, е позната по историскиот потег на македонското прогресивно движење, кое преку солунските атентатори извршила минирање на зградата за да му укаже на тогашната европска јавност, за напорите на македонскиот народ за стекнување на национална слобода.    
Инаку, зградата на Отоман банка во Битола се наоѓала непосредно до Здравствениот дом. Таа била масивна и највисока зграда во тогашниот реон на градот со дебели ѕидови и внатре недовршен трезор. Во 1963 година оваа зграда беше рушена поради потребите на урбанизација на градот. (*)
Работните простории на втората банкарска организација, Салоник банка, биле во зградата која се наоѓа на јужната страна на Саат Кула, во редот на дуќаните при влезот на старата главна улица, а подоцна во неа биле сместени канцелариите на Геолошката управа на градот.
Оваа банка ја обавувала својата кредитно монетарна активност за широкото подрачје на јужниот дел на Македонија на постојаното занаетчиство и трговија. Кредитната активност ја обавувале на кусорочна и строго утврдена намена. Каматата и провизијата се пресметувале спроти спогодбата која зависела од степенот на кредитоспособноста и солвентноста на корисникот на кредиотот. Кредитите ги обезбедувале со депозити, хипотеки на подвижна и неподвижна имовина, а во зависност од намената и носителот на кредитот како и со други гаранции од нивните сограѓани. Но, во редовите на органите за управување и службениците на банкарските филијали немало Македонци. Во нив работеле Турци, Французи и еленофили.
Ограничувањата со кои се сочувала младата македонска боржуазија во економскиот развој, употребата на својот јазик и култура, потоа агонијата на Отоманската империја и теророт и експлоатацијата која што турските власти ја вршеле врз македонското население, како и страните пропаганди, доведе до ерупција на незадоволство кај Македонците. Во 1903 година Илинденското востание преставува решеност на македонскиот народ за ослободување како од Отоманската империја така и за остранување на останатите аспиранти на Македонија.

Крвавата и тешка борба на македонскиот народ за сочувувањето на својата национална самобит, најде врвен израз во Крушевската Република, која со својата прокламација до сите националности во Македонија предизвика внимание кај целиот прогресивен свет.
Жителите на Битола преку своите организациони и политички врски, директни учесници и курири, имаа свое активно учество во Илинденското востание. Тие во тоа време ги преживуваа сите радости и горчини од постоењето и нестанокот на Крушевската Република.   
Сепак, Крушевската Република по цена на големи човечки и материјални жртви, попалени и ограбени села, излегува како морален победник и создава сознание пред тогашниот прогресивен свет дека Македонија е на Македонците кои сакаат да живеат во равноправни и коректни односи со затекнатите националности во неа.
Во годините кои следуваат потоа, Битола била исправена пред нови општествени политички настани. Балканските војни од 1912 и 1913 година, па и во периодот после Првата светска војна во 1918 година, преставувале не само поприште на жестоки воени судири туку и историска фарса на негирање на македонскиот самобит. Во овој период на воени судири Битола имала над 1300 жртви од кои 755 ранети. Поради воените прилики и неговото разурнување градот се свел од 48 на 28 илјади жители.
Врз неповолните услови за понатамошен раст на Битола влијаела и поделбата на Македонија меѓу Србија, Бугарија и Грција во 1913 година во Букрешт, а санкционирана по Првата светска војна. Поставувањето на границата во непосредна близина на градот, го прекинаа природниот проток на луѓе и стоки, што дополнително влијаело врз стагнацијата на градот на конзулите.
Сепак, во новите услови на повоениот период, одредена напредна категорија на граѓани од Битола развиваат прогресивна политичка активност и ќе ја продолжи борбата за национално ослободување на македонскиот народ и создавање на своја македонска држава.

извор: Д. Грданов „Битола и Хераклеа низ вековите“, Битола, 1969, стр. 32-36)

(*) со овај дел не се согласуваме бидејќи нашите сознанија се дека Отоманската Банка е сегашна Стопанска Банка Битола кај Саат Кулата, поранешна Француско-српска банка.
 

Врати порака

Please enter your comment!
Please enter your name here