Изминаа речиси шест месеци, откако од Битола во злогласниот фашистички логор Треблинка беа депортирани над 3.000 битолски Евреи. Сите до еден за неколку часови беа ликвидирани во гасните комори. Депортацијата малкумина ја избегнаа, зашто бугарските окупатори не само што ги имаа сите евидентирано, туку на трагичниот ден, 11 март 1943 година ги пребаруваа и куќите на нивните соседи и другите сомнителни граѓани, настојувајќи никој да не биде оставен во Битола. Сепак, десетина успеаја да пребегаат во Грција и Албанија, неколкумина се сокрија низ градот, некои заминаа во партизани, но судбината што ја доживеа младиот Леон Фараџи останала во трајно сеќавање, кај познатиот битолски фотограф во пензија, Константин Пинза (85).
– Она што му се случи на Леон нема никогаш да го заборавам. Прикриен неколку месеци кај една Србинка, која живееше зад романското училиште тој копнеејќи по чорба реши да излезе од своето скривалиште, мислејќи дека нема никој да го препознае. Прикриен без било какви сознанија за судбината на своите најблиски одлучи да отиде во ресторанот “Гурман” во чаршијата околу Градскиот саат. Меѓутоа, иако преправен (маскиран) сепак беше препознаен, следен и потоа откриен и испратен на губилиште – раскажува Пинза.
Ваквата трагична судбина на Леон малкумина ја знаат, иако за голем број битолски Евреи евидентирани се поголем дел од нивните трагични судбини.
– Леон беше еден од четирите браќа на фамилијата Фараџи, што стануваше во куќата до која сега се наоѓа барот Корзо. Неговите се занимаваа со производство на сапун. Леон и неговиот две години помлад брат Рафаел учеа зедно со нас во гимназијата. Рафаел успеа да избега во Албанија и по војната се врати во Битола, каде сакаше да учи за агроном. Подоцна замина во Израел, но на повеќе пати доаѓаше во својот роден град – додава Пинза. Леон Фараџи не успеа да ја избегне трагичната судбина на многу други негови врсници. За нив, за животот и судбините на битолските Евреи, професорот по историја Ѓорги Димовски – Цолев има напишано книга насловена како “Битолските Евреи”. Тој во неа, покрај другото, има евидентирано дека на лицата што го носеле знакот еврејска ѕвезда, им се забранувало да посетуваат повеќе места и простории, меѓу кои главната улица, градскиот парк, Тумбе кафе, некои ресторани, дуќани, пазаришта.
Ѓорги Димовски – Цолев меѓу евидентираните битолски Евреи што беа депортирани во Треблинка има регистрирано и неколкумина од фамилијата Фараџи, но ги објавува и постапките на Боро Алтипармак и Богоја Сиљановски, кои успеаја да скријат и спасат неколку млади Еврејчиња, зашто подоцна од Израел добија и највисоки цивилни одликувања. Професорот Димовски – Цолев има евидентирано дека меѓу оние што со бегство во Албанија се спасиле бил и Рафаел Фараџи, кој пред тоа се криел кај Антуанета Фотиќ. Најверојатно станува збор за истата жена, за која Пинза вели дека била “Србинка” но Димовски – Цолев тоа во книгата не го има поместено.
Константин Пинза не се сеќава на името ниту судбината на жената, која пет-шест месеци го криела и хранела Леон Фараџи, но кога кај неа бил сокриван Рафаел Фараџи, веројатно станува збор за истото лице, односно истата жена. Пинза го запомнил копнежот на Леон за пача, за чорба, посебно чкембе чорба, што битолчани некогаш секојдневно ја консумираат зашто и многумина ги нарекуваат “чкембари”. Таа пача и чкембе чорба и денес се подготвува во домовите и рестораните, но дали токму копнежот по неа бил навистина толку голем, за младиот Леон да го загуби животот или можеби неговиот копнеж за слобода, за излез од неизвесноста, за судбината на своите блиски и сограѓани. Што сонувал тој, што чувствувал одејќи кон “Гурман” и патот кон некој од злогласните логори, само тој знаел, а што чувствувал повеќе години од неговата трагична судбина оној што го препознал и предал, посебно откако дознал како завршија депортираните битолски Евреи.
Леон кон “Гурман” а оттаму во вечноста замина со копнеж и одлучност, а неговиот предавник и егзекутор?

Петар СТАВРЕВ за Вечер 2006 г.