Во рамките на 56. издание на Републичкиот фестивал за народни песни и игри „Илинденски денови“, Културно-уметничкото друштво „Илинден“ од Битола ја изведе концертната програма „Џумбиш“, посветена на богатото културно наследство и традицијата на Македонците Муслимани.

Концертот беше одбележан со премиерна изведба на четири нови сценски адаптации, претставени во автентични народни носии. Со нив, КУД „Илинден“ го збогати својот репертоар и фондот на традиционални носии, продолжувајќи ја својата мисија за истражување, зачувување и сценска афирмација на македонското фолклорно наследство.

Пред бројната публика, играорците и музичарите приредија вечер исполнета со автентична музика, игра и традиција, уште еднаш потврдувајќи ја посветеноста на друштвото кон негувањето на културните вредности.

Концертот „Џумбиш“ беше награден со долг и искрен аплауз, како признание за вложениот труд на изведувачите, авторскиот тим и сите што учествуваа во реализацијата на програмата.





