КОГА МАГНОЛИЈА БЕШЕ ПРЕМАЛА ЗА СИТЕ: 5 ГОДИНИ СИ-ДО И ПРВИОТ ПРЕНОС ВО ЖИВО НА МРТ ОД БИТОЛА

од May 17, 2026 0 коментари

Имаше време кога Битола не само што живееше за музиката, туку и ја пишуваше историјата на детските фестивали во Македонија. Еден од тие моменти што засекогаш останаа во колективната меморија на битолчани беше прославата на 5 години СИ-ДО во 1995 г , кога платото кај Магнолија се претвори во огромна сцена под отворено небо.

Иако времето не било наклонето, дождот не успеал да ги спречи битолчани. Со чадори в рака, илјадници луѓе се собрале на Магнолија, на Широк Сокак и низ околните улици за да бидат дел од еден настан што подоцна ќе се раскажува со години. Сцената била поставена во срцето на градот, атмосферата празнична, а Битола, центарот на детската музика во Македонија.

Токму тој јубилеј остана запаметен и по уште една голема работа, првиот директен телевизиски пренос во живо на Македонската радио телевизија од ваков детски музички фестивал, реализиран токму од Битола. За многумина, тоа бил момент кога СИ-ДО излегол надвор од рамките на локален фестивал и станал гордост што ја следела цела Македонија.

Во време без социјални мрежи, без мобилни телефони и „сториња“, градот живеел за тие неколку фестивалски денови. Се зборувало за песните, децата, сцената, облеката, а секое семејство имало свој фаворит. Магнолија тогаш не била само плоштад, била место каде што се создавале спомени и се раѓале идни музички имиња.

Денес, кога ќе се видат старите снимки со преполната Магнолија и чадорите под дождот, едно е сигурно, СИ-ДО не беше само фестивал, туку детството на многу генерации битолчани.

Дали бевте таму? Кого паметите од тие години на СИ-ДО?

Babam Bitola

Comments are closed.