Во една поинаква Југославија, во време кога убавината не се мереше со лајкови и филтри, туку со достоинство, харизма и природност, Битола имаше своја претставничка на големата сцена.

Станува збор за Галаба Ќушкоска, 18-годишна битолчанка која во 1971 година беше прогласена за Мис на Македонија, а со тоа и една од кандидатките за најубава девојка на тогашна Југославија.

Настанот што го привлече вниманието на целата јавност се одржа во Порторож, каде девојки од сите републики се натпреваруваа за престижната титула. Меѓу нив, и една тивка, скромна девојка од градот под Пелистер, која без големи очекувања, но со природна убавина и став, го освои вниманието.

Во тогашните изјави, Галаба зборува едноставно и искрено, дека не очекува голем успех, дека ѝ е најважно образованието и дека сака да продолжи со нормален живот. Токму таа скромност, денес речиси заборавена вредност, ја прави нејзината приказна уште повпечатлива.

Весниците од тоа време пишуваат дека Битола „крие многу убави девојки“, а изборот на Галаба Кушковска само го потврдува тоа. Таа стана тема на разговор низ градот, симбол на една генерација и сведоштво за едно време кога Битола редовно се наоѓаше на културната и општествената мапа на регионот.

Денес, оваа страница не е само вест, таа е документ, спомен и потсетник зошто од Битола доаѓале најубавите девојки кои отсекогаш имала стил, убавина и приказни вредни за паметење.