Една стара новинарска страница нè враќа во времето кога Битола беше силен индустриски центар, а производите од битолските фабрики се бараа низ цела тогашна Југославија, но и во странство.
Под впечатливиот наслов „Прв југословенски фрижидер од 200 литри“, весникот известува за големиот успех на битолската фабрика за фрижидери „Ѓорѓи Наумов“, која во август го пуштила во продажба првиот фрижидер од 200 литри од ваков вид произведен во земјата.
Според тогашниот напис, интересот за новиот модел бил голем, а фрижидерот бил оценет како добар и економичен. Поради зголемената побарувачка, фабриката вовела уште една смена и дневното производство достигнало околу 500 фрижидери од различни модели.
Амбициите биле уште поголеми. Наместо планираните 80.000, фабриката таа година требало да произведе околу 100.000 фрижидери, додека за 1970 година била планирана бројка од дури 700.000 фрижидери годишно.
Ова старо парче весник денес е сведоштво за една поинаква Битола – град на фабрики, работници, производство и производи кои биле препознатливи далеку надвор од градот.
Битола некогаш произведуваше – и тоа на големо.
Ретро Битола | Бабам Битола
