Во септември 1971 година, во време кога успехот се мереше со труд, знаење и посветеност, Битола испрати свој претставник на светска сцена. Југословенскиот тракторски шампион Славко Богдановски, тракторист и стручњак во службата за развој и унапредување на земјоделското производство при ЗИК „Пелагонија – Битола“, замина за Лондон како единствен претставник на тогашна Југославија на XVIII Светско тракторско првенство.
Под покровителство на британската влада, оваа престижна светска земјоделска манифестација се одржа во околината на Лондон и започна на 1 октомври 1971 година, траејќи неколку дена. Богдановски таму не отпатува случајно – зад него стоеше титулата југословенски шампион, како и сериозна подготовка од речиси десет дена во Белград, организирана од Сојузниот одбор на народна техника на Југославија.
Во време кога земјоделството претставуваше столб на економијата, а механизацијата симбол на напредок, настапот на Славко Богдановски на светско првенство беше повеќе од спортски предизвик – беше претставување на знаењето, дисциплината и вредностите на еден регион и една држава.
Денес, повеќе од пет децении подоцна, овој настан останува важен дел од историјата на Битола и Пелагонија, потсетник дека градот имал свои херои и надвор од спортските терени и културните сцени. Луѓе кои со работа и умешност ја носеле Битола на мапата на светот.
Фотографија испратена од Златко Ангелески
Фото-текст (оригинал): Г. Николовски





