ЈЗУ Клиничка болница Битола информира дека од сега децата со невроразличности ќе можат да добиваат специјалистички прегледи и во Битола, без потреба од патување во Скопје. Оваа значајна новина доаѓа како олеснување за голем број семејства кои досега беа принудени да бараат медицинска помош надвор од својот град.

Како што соопштија од установата, склучен е договор со доц. д-р Данило Нонкуловски, детски невролог, кој отсега ќе ги врши прегледите во Клиничка болница Битола. Со ова, на децата им се овозможува континуирана и стручна грижа во позната средина, а на родителите им се намалува товарот од долгите и чести патувања.

Од болницата потенцираат дека оваа услуга претставува важен чекор кон подобрување на здравствената заштита за децата со посебни потреби, особено во пресрет на месецот посветен на аутизмот. Надлежните нагласуваат дека целта е обезбедување навремена, достапна и квалитетна медицинска грижа, поблиску до пациентите.
