По две години упорност, група ветерани од водечките битолски кошаркарски школи – КК Младост, КК Пелистер и КК Јуниор – официјално формираа кошаркарски клуб КК Конзули, поставувајќи ги темелите за нивното учество во Трета лига. Клубот е оформен во 2022 година, но поради недостаток на средства нивната визија остана само идеја за иднината.

И покрај овие предизвици, играчите самофинансираа дел од операциите и започнаа подготовки за пријавување во лигата. Сепак, првичните пресметки покажаа дека недостигаат средства за основните уплати кон Кошаркарската федерација на Македонија, вклучувајќи ги натпреварите, делегатите и стручниот штаб. Соочени со овие пречки, тимот се насочи кон барање спонзорства.

Секој играч индивидуално се зафати со наоѓање спонзори, што резултираше со поддршка од неколку локални бизниси. Официјални спонзори на КК Конзули се Адвокатско друштво Димитровски, Marieli Cakes, Hili Dev, IT Crowd, Градежна фирма Столб и Јавен Адвертајзинг. Овој заеднички напор ја истакнува посветеноста на играчите како на теренот, така и надвор од него.

Иван Илиоски, претседателот на клубот и активен играч, изјави: „Натпреварите ќе се играат во Боро Чурлевски. Тренинг имаме три пати неделно, по час и половина до два. Сите играчи придонесуваат на свој начин. Имаме играчи со прволигашко искуство, па тие ги подготвуваат тренинзите, додека другите се грижат за маркетингот и социјалните мрежи. Секој ја најде својата улога во тимот.“

Клубот упатува посебна благодарност до Горјан Стојановски од КК Младост и Николче Николовски од КК Хераклеа за нивната неоценлива поддршка при формирањето и афирмацијата на клубот во лигашката кошарка.

Сезоната започнува на 26-ти октомври со натпревар на домашен терен, кој ветува дека ќе ги раздвижи кошаркарските љубители во Битола, исто сите љубители на кошарката се поканети да присуствуваат и да го поддржат тимот КК Конзули од Битола.

Конзули.мк