Порано, во влезот каде што живеевме, имавме еден комшија. Беше златно дете, единец на неговите Паца и Тоде. Прекрасна фамилија, скромна и честита, а детето им беше како подарок, родено после долга љубов и чекaње. Се викаше Кице. Културен, воспитан, секогаш насмејан и весел. Голем другар, комшија и дете какво секој би посакал покрај себе. Звезда што го осветлуваше небото над сите други кои бледо светеа, но му правеа друштво.

Имаше долга коса и обетки, се носеше типски, со светли фармерки, отпарани со реси, и чевли лондонки или бродарки кои чкрипеа една по друга кога ќе се движеше. Така беше модата тогаш, во младите и луди 80, 90-ти години. Во тие години се оформи и навивачката група Чкембари, а многу битолчани станаа дел од неа. Тоа го направи и Кице. Како голем другар и страсен навивач брзо стекна популарност, но никогаш не ја покажуваше горделиво. Остана ист, скромен, искрен, секогаш свој.

Беше и добар кик-боксер, учествуваше на натпревари, колку што не држи сеќавањето денес. Беше предобар за светот во кој живеевме. Иако фамилијата му беше сиромашна, тоа никогаш не се чувствуваше. Сè што имаа, даваа за него, да биде еднаков со сите, да не се чувствува поинаков. Популарноста во навивачката група му донесе и многу убави девојки кои секојдневно ги гледавме по скалите, горе-долу, но потоа се појави неговата вистинска, вечна љубов, девојка од соседната зграда.

Со популарноста дојдоа и проблемите. Некои кавги и несогласувања меѓу навивачите, до ден денес неразјаснети, го донесоа неубавиот дел од оваа приказна. Се појавија тепачки, една по друга, и на крајот еден нож пред Пелагонка 2 беше пресуден. Тогаш Кице замина горе, кај ангелите. Веќе тогаш знаевме, Господ прво ги зема најдобрите, од нив ја создава својата војска на ангели.

Се сеќавам, тогаш телото на покојниот се носеше во домот. Од таму започнуваше молитвата до погребот. Не можам да ви опишам колку луѓе беа присутни, целиот влез, скалите, улицата, илјадници луѓе во црнина. Така беше и на гробиштата. Цела Битола, цела младина во плач за живот што допрва требаше да започне, со свадба, со дечиња, со иднина.

Девојката негова, уште долго по тоа, остана сама и во црнина. Денес не знаеме како е, но ѝ посакуваме среќа, мир и радост, да продолжила со животот и да има семејство. Татко му, по краток период, загина прегазен во сообраќајна несреќа, а мајка му од тогаш никогаш повеќе не беше истата.

Кице си замина, а со него замина и еден дел од нас. Дел кој светеше исто како неговата насмевка. Ретко се отвораме вака, но денес, на Задушница, моравме. Во твој спомен, другар.

„Некои луѓе живеат кратко, но остават светлина што не гасне цел живот.“