Некогаш, во срцето на стара Битола, во познатиот Пекмез Пазар, недалеку од Саат-кулата, постоела кафана за која старите битолчани имале што да раскажуваат. Тоа била кафаната „Кај Кривашија“, место кое останало запаметено по својата прочуена чкембе-чорба.

Во времето кога битолските пазари биле полни со трговци, занаетчии, пајтони и градски муабети, кафаните биле многу повеќе од места за јадење. Тука се започнувал денот, се склучувале зделки, се раскажувале приказни и се дознавале најновите градски новости.
Меѓу тие места посебно се издвојувала кафаната на Лазар, познат како Лазо Кривашија, припадник на старо битолско семејство.
А таму, според сеќавањата за старата Битола, се служела чкембе-чорба за мерак!
Топла, густа и миризлива, подготвувана на традиционален начин, со добро сварено чкембе, лук, оцет и лута пиперка. Чорба која не се јадела набрзина, туку со леб, со мерак и со добар битолски муабет.
Во таквите кафеани не се одело само за да се засити човек. Се одело за друштвото, за атмосферата и за вкусот што се памети.
Со национализацијата и подоцнежните урбанистички промени, кафаната „Кај Кривашија“ исчезнала. Со исчезнувањето на стариот Пекмез Пазар се изгубил и еден дел од угостителската историја на Битола.
Денес ја нема ниту кафаната, ниту некогашниот амбиент во кој битолчани уживале во прочуената чорба. Но останало името Кривашија, како потсетник на едно време кога секоја кафеана имала свој домаќин, свој специјалитет и своја приказна.
И токму деновиве, кога Битола живее во знакот на Чкембе Фест, вреди да се потсетиме дека љубовта на битолчани кон чкембето не е од вчера.
Таа има длабоки корени во старите битолски пазари, меани и кафеани.
А вие, постари битолчани, се сеќавате ли на кафаната „Кај Кривашија“ во Пекмез Пазар? Дали некој од вашите родители или дедовци ви раскажувал за прочуената чкембе-чорба?
Да ги зачуваме овие приказни пред да исчезнат и последните сеќавања на стара Битола.
Бабам Битола – чувари на битолските приказни.