Планината Ниџе и врвот Кајмакчалан претставуваат редок природен и историски капитал, поделен меѓу две држави, но развиен со две сосема различни визии. Додека грчката страна, позната како Ворас, одамна е пример за успешен планински и зимски туризам, македонската страна, која во голем дел припаѓа на Општина Новаци, останува неискористен потенцијал со исклучителна вредност.

На грчка страна, ски центарот Ворас функционира како стабилен туристички двигател, со уредени ски патеки, жичари и целосна зимска инфраструктура. Но, вистинската туристичка приказна не завршува на скијачките терени. Во непосредна близина на центарот се наоѓа селото Агиос Атанасиос ( Чеган македонско име ) едно од најпознатите планински туристички села во северна Грција.

Ова селце е препознатливо по своите автентични камени куќи, изградени во традиционален архитектонски стил, кои се строго заштитени со закон. Секој сместувачки објект, хотел или апартман мора да ја задржи оригиналната форма, материјали и изглед, што резултира со уникатна туристичка атмосфера. Токму ваквата регулација овозможи развој на ексклузивни, но автентични сместувачки капацитети, кои се целосно интегрирани со природата и локалната култура.

Од другата страна на границата, македонскиот дел на Ниџе нуди подеднакво драматичен, а според многумина и поубав природен пејзаж: височини над 2.500 метри, долги снежни зими, широки планински падини и погледи кон цела Пелагонија. Сепак, тука недостига организирана туристичка инфраструктура, пристапни патишта, сместувачки капацитети и јасна стратегија за развој.

Особено парадоксално е што токму овој простор припаѓа на Општина Новаци, најбогатата општина во Македонија, благодарение на енергетските капацитети и индустриските приходи. Наместо системско вложување во туризам како долгорочна и одржлива гранка, Ниџе останува простор за спорадични посети на планинари и љубители на природата, без економски ефект за локалното население.

Примерот на Агиос Атанасиос и Ворас јасно покажува дека успехот не доаѓа само од ски лифтови, туку од комбинација на инфраструктура, заштита на автентичноста и јасна локална визија. Тоа е модел кој лесно би можел да се примени и на македонска страна, преку планински села, еко-туризам, зимски и летен туризам, како и прекугранична соработка.

Денес, Кајмакчалан е симбол на контраст: од едната страна, планина што создава економија и живот; од другата, планина што сѐ уште чека одлука. Прашањето што останува е дали Општина Новаци ќе го препознае својот најголем природен капитал и ќе инвестира во одржлив туризам, или ќе продолжи да гледа како автентичните камени куќи, туристите и приходите остануваат, од другата страна на границата.