КАФЕ БАР „ИН“: БИТОЛСКАТА ЛЕГЕНДА ШТО ГО СМЕНИ УРБАНИОТ ЖИВОТ НА ШИРОК СОКАК

од May 20, 2026 0 коментари

Во летото 1999 година, кога Битола сè уште живееше поинаков ритам, на Широк Сокак се подготвуваше нешто што подоцна ќе стане култно место за генерации битолчани. На 16 јуни 1999 година се отвори кафе бар „ИН“, локал кој не беше само кафич, туку вистински урбан симбол на едно време.

Отворањето било вистинска трка со времето. Во градот се зборувало кој прв ќе отвори, „Џовани“ или „ИН“. Иако „ИН“ формално прв ги отворил вратите, поради проблеми со вода и кафемати накратко повторно затвориле. Но, главната причина за доцнењето била нешто друго, масивниот шанк, кој пристигнал од Прилеп и требало дополнително да се израмнува. Направен целосно од железо, тежел неверојатни четири тона.

Иксовите од горниот дел на ентериерот, швајцовани и пластифицирани, и денес стојат зачувани на таванот кај сопственикот, како дел од една историја што не се заборава.

Архитектонското решение го осмислиле Зоки и Валентино од Театарот. Наместо дрво, железо. Не случајно. Сопственикот Бале Ристовски отсекогаш имал посебна љубов кон природата и му било жал за секое исечено дрво, па токму затоа целиот инвентар во „ИН“ бил метален, нешто несекојдневно за тоа време.

Никола Чолакот покрај шанкот во Ин

Но, „ИН“ не беше само ентериер. Беше револуција во музиката.

Од првиот до последниот ден, во „ИН“ не се пушти ниту една турбо-фолк песна. Музичкиот правец беше строго урбан, техно, рок, алтернатива, електроника. Радио „106“ ги носеше најновите хитови, музика пуштале Зоки Татарот, стоматолог сега во Словенија, па дури и Вампиро кој сега е во Австралија.

Чолако, Кирче Пантомима, Драган

Секој четврток диџеј бил Ралето, кој со техното знаел да ја дигне атмосферата до плафон. Толку силно што, со смеа се сеќава Бале, успеал да „изгори“ две појачала и четири JBL звучници со доживотна гаранција. Дури и продавачите на техниката биле зачудени и прашале: „Случајно да не беа директно на струја приклучени?“

„ИН“ беше првиот, а според многумина и последниот вистински техно кафич во Битола.

Зоки Јанкула бил менаџерот, човекот околу кого се вртела организацијата на забавите. Петок и сабота биле резервирани за журки, а низ „ИН“ поминувале имиња како Дуле и Коки, Ксмет, Мизар, Чоканче, Памперс и многу други урбани групи од Македонија.

Интересно е што пред „ИН“, Бале бил претставник на „Тиквеш“ во Битола. Дуќанот функционирал како стовариште и продавница за вино, а бил првиот експериментално приватизиран објект на „Тиквеш“. За само една година продажбата била огромна, што им го привлекло вниманието и на тогашните директори.

Подоцна продавницата се префрлила од другата страна, каде што денес е златарата, а таму се отвори и „ИН Плус“, интернет кафе каде посетителите добивале и по 50 бесплатни картички и кафе на ден.

Идејата за кафичот била на Зоки Јанкула, а финансиската конструкција изнесувала 63.000 германски марки. Металните столици биле носени од Струга, а музика со диџеј имало секој ден – освен среда.

Во „ИН“ работеле многу познати битолски ликови: Билјана Биба, Војкан, Драган,, Чолако, Игорче, Шеќеро, Илче, Марупо, Штуро – кој држел рекорд за најголем дневен промет – Гината, кој еднаш служел гости на ролери, но и Сашевци, Грицко и Тихиот, Аце Глата, Чипурот, Владе и Ќирче Пантомима. Но, „ИН“ не беше само место за работа, беше едно големо семејство.

Валентино Ристовски, најмалиот газда на Ин

Бале Ристовски со посебна емоција раскажува дека токму „ИН“ создал луѓе кои и денес, повеќе од две децении подоцна, останале блиски, се дружат и меѓусебно се поврзани како да работеле вчера.

„Тоа не беа само вработени, тоа беше фамилија“, вели тој.
Голема заслуга за мирната атмосфера и редот имало и обезбедувањето, предводено од Војо. И покрај тоа што низ кафичот поминувале стотици луѓе дневно, а забавите траеле до раните утрински часови, за целото време на работењето не се случил ниту еден посериозен проблем.

Војо Мојсиќ (десно) со другарите во Ин

„Благодарение на обезбедувањето на чело со Војо Мојсиќ, ‘ИН’ функционираше без проблеми. Се знаеше ред, а луѓето доаѓаа за добра музика, дружење и мерак“, се сеќава Бале.

Токму тука биле реализирани и првите емисии во живо на Антена 5 во Битола.

По отворањето на „ИН“, како печурки никнале уште триесетина кафулиња по Широк Сокак. Масите постепено се ширеле сè до кај Католичката црква, а градот почнал да живее поинаку.

Но, за Бале, најубави биле сабајлињата.

„Во 7 часот доаѓаа чистачите, дежурните полицајци, луѓе што почнуваа работа. До 8 часот кафето за сите беше бесплатно“, раскажува тој.

Се продавале и по 10 килограми кафе дневно. Кафето чинело 20 денари, а најскапото кафе било од 300 до 800 денари. Прво работеле со „Лаваца“, но кога дознале дека се пакува во Тетово, се префрлиле на „Кафе Мексико“.

До 16 часот, вели Бале, се вадел целиот дневен трошок, сè потоа било заработка.

Во најсилните години се трошеле и по 40 до 50 гајби пијачка дневно, исклучиво од Скопска Пивара. „Лаки Страјк“ инвестирале десетици илјади евра во тенди, рекламен материјал и униформи за келнерите.

„ИН“ бил и дом на едно младо поколение.

Тука пораснал и често седел и тогаш срамежливиот Тоше Проески, најчесто со својот класен раководител Пецако. Тука славела родендени и Каролина Гочева, која доаѓала со своето женско друштво.

Бале со насмевка се сеќава и на Летка Качунка, првата жена шофер на шлепер во Македонија, која на секои неколку дена од Скопје за Грција носела пиво Амстел и 10 до 20 гајби биле оставани кај Епинал. Во тоа време, такво пиво имало само во „ИН“.

Во фирмата сите биле како семејство. Секој петок имале состанок од половина час, каде сите биле рамноправни. После тоа, право во „Расчекор“ на продолжение на забавата.

Големото семејство ,,Ин”

За празници, ако решеле да не работат, сите заедно заминувале на шетање и дружење, со храна, пијачка и трошоци покриени од фирмата.

Но, секоја приказна има крај.

Во мај 2005 година, „ИН“ ја затвори вратата. Се пробале и како сендвичара, но без успех. Во меѓувреме стапил на сила законот за денационализација, а дуќанот требало да им се врати на старите сопственици. Поради административни проблеми и државјанство, објектот завршил на лицитација.

Подоцна таму имало сендвичара, бутик, а денес повторно е кафе бар „Портал“.

Дел од масите и инвентарот завршиле во Градиште, кај Влатче. Од шанкот останале делови, а на таванот и денес лежат неколку од старите лустери и металните конструкции, како тивок сведок на едно време.

А најлегендарни?

Родендените на менаџерот Зоки Јанкула 27 февруари и на Бале Ристовски 28 февруари. Забавите траеле по 48 часа.

Кафе бар „ИН“ не беше само локал. Беше ера. Место каде Битола учеше што значи урбан ноќен живот, добра музика, пријателство и слобода.

Babam Bitola

Comments are closed.