КАРАТЕ КЛУБОТ „ЗАНШИН ДО“ ОД БИТОЛА СО 36 МЕДАЛИ И ТРИ ПЕХАРИ НА ТРИ МЕЃУНАРОДНИ ТУРНИРИ

од • November 3, 2026 • 0 коментари

Карате клубот „Заншин До“ од Битола ја започна втората натпреварувачка сезона во 2026 година со одлични резултати, потврдувајќи го квалитетот, посветеноста и талентот на своите млади каратисти.

На три меѓународни турнири одржани во Скопје, Струга и Дојран, битолските каратисти освоија вкупно 36 медали, од кои 6 златни, 11 сребрени и 19 бронзени, како и три пехари.

Успешната серија започна на 13 септември на турнирот „Ботони Опен“ во Скопје, каде што клубот освои два златни, еден сребрен и три бронзени медали.

Со златни медали се закитија Даријан Демири во кати и женскиот ката тим во состав Елена Јончевска, Михаил Марковски и Емилија Илковска. Сребрен медал освои Алексеј Петковски во кати, додека бронзени медали освоија Михаил Марковски во кумите, категорија јуниори до 86 килограми, како и Емилија Илковска и Елена Јончевска во кати.

Успесите продолжија на 4 октомври на „Струга Опен“, каде што битолскиот клуб освои еден златен, четири сребрени и седум бронзени медали.

Златото го освои ката тимот во состав Михаил Марковски, Емилија Илковска и Виктор Ристевски.

Сребрени медали освоија Николај Петковски во кумите, Даријан Демири во кати, Виктор Ристевски во кадетска конкуренција и Давид Стојчевски во сениорска конкуренција.

Со бронзени медали се закитија Алексеј Петковски, Тамара Стојановска, Николај Петковски, Емилија Илковска и Михаил Марковски, со повеќе освоени медали во различни категории.

Најновиот успех пристигна на 1 ноември, на турнирот „Дојран Опен“, каде што младите каратисти освоија дури 18 медали, од кои три златни, шест сребрени и девет бронзени.

Посебно се истакна Даријан Демири, кој освои два златни медали во кати, додека третото злато го донесе ката тимот во состав Елена Јончевска, Александар Божиновски и Виктор Ристевски.

Сребрени медали освоија Лана Бејковска, со два медала во различни категории, Михаил Костурски, Елена Јончевска, Александар Божиновски и Дамјан Митановски.

Бронзени медали освоија Павел Груевски, Алексеј Петковски, Тамара Стојановска, Николај Петковски, Михаил Костурски и Емилија Илковска, а на победничкиот пиедестал се искачи и женскиот ката тим.

ПЕТМИНА МЛАДИ БИТОЛЧАНИ ЌЕ ЈА ПРЕТСТАВУВААТ МАКЕДОНИЈА НА БАЛКАНСКОТО ПРВЕНСТВО ВО ИСТАНБУЛ

По одличните резултати на трите турнири, пред Карате клубот „Заншин До“ следува уште еден голем предизвик.

Од 4 до 8 ноември 2026 година, петмина членови на клубот ќе настапат на Балканското првенство во Истанбул, Турција, како дел од македонската карате репрезентација, во дисциплината кати, во кадетска и јуниорска конкуренција.

Тренерот Стевка Јанковска Петковска не го крие задоволството од постигнатите резултати и верува дека младите битолски каратисти имаат квалитет за нови успеси.

„Горда сум како тренер на постигнатите резултати и очекувам висок пласман на Балканското првенство во Истанбул“, истакнува Јанковска Петковска.

Со континуирана работа, дисциплина и натпреварувачки дух, Карате клубот „Заншин До“ продолжува успешно да ја претставува Битола на домашната и меѓународната карате сцена.

На младите каратисти им посакуваме многу успех во Истанбул, достоинствено да ги бранат боите на Македонија и повторно да ја израдуваат спортска Битола!

Babam Bitola

Comments are closed.