Имаше едно време кога пред речиси секоја порта во Јени Маале стоеше по еден камен. Не беше обичен камен, беше место за собирање, за муабет, за песна и смеа. Во топлите битолски вечери, соседите седеа пред своите домови до доцна во ноќта, децата си играа по улиците, а маалото живееше како едно големо семејство.

Јени Маале, најстарото и едно од најгусто населените битолски маала, било симбол на слога, меѓусебно почитување и силен патриотски дух. Не случајно американскиот новинар Алберт Сониксен, кој престојувал во Битола во 1906 година, го нарекол „Подземна Република“, воодушевен од духот и сплотеноста на неговите жители.
Денес, многу од тие камења ги нема. Наместо детска врева и вечерни разговори, сè почесто се гледаат затворени порти, катанци и табли „Се продава“. Старите маала полека ја губат својата душа, а со нив исчезнуваат и дел од најубавите спомени на генерации битолчани.
Но, додека постојат фотографии, приказни и луѓе што се сеќаваат, духот на старо Јени Маале ќе продолжи да живее.
Според записите на Стефан Чекутков.
