Кога чекорам по калдрмата низ чаршијата, ми шепотат спомените за моите предци, милион приказни, милион вистини.
Ме носат наназад кога мојата баба плетела красни плетенки, а мојот дедо чукал на менгемето и ковал железо. Ме носат тогаш во времето кога дечињата радосни и боси трчаа по неа…
Секоја калдрма е приказна сама за себе, секоја знае како мириса лебот штотуку испечен, како се ронеше сламата, плетејќи ги крошните…
Секоја калдрма го памети тропотот на потковиците од пајтоните. Ги памети невестите како ги ќитеа и како по неа со пајтони ги возеја …
Тука на неа, ќе ја запишам својата младост, за на старост, таа мене да ме потсетува …
Широк Сокак бил поплочен со гранитни големи коцки после 1913 година, кои ја заменија старата турска калдрма.
Во средината на седумдесеттите години овие гранитни коцки беа заменети со асфалт, за да подоцна целата главна улица да го добие денешниот изглед со гранитни плочи.
Во старата чаршија, калдрмата ја има зачувано својата автентичност само во неколку улици.
Таа датира од 18-ти век кога Битола била центар на Румелија.
Денес истата е поплочена со гранитни плочи кои не ја доловуваат вистинската автентичност од чаршиите кои се моментално најпознати на Балканот.
Ќепенците истотака се заменети со пластична и алуминиумска дограма кои делуваат модерно, ладно и одбивно кон сите туристи и купувачи кои со срцето сакаат да ја почуствуваат душата на нашата, надалеку светски позната битолска чаршија…