Вчеравечер, на 9 мај, во големата сала на Центарот за култура во Битола се одржа долгоочекуваната премиера на документарниот филм „Како плачат улиците“, дело кое ја раскажува приказната за битолскиот рап и урбаната хип хоп култура што остави силен белег врз младоста на многу генерации.

Филмот носи емотивна и автентична приказна за едно време, една сцена и еден начин на живот, каде музиката не била само звук, туку став, пријателство и начин на изразување. Покрај музичкиот аспект, во фокусот е ставен и силниот социјален момент, преку кој се прикажува младоста на една цела генерација битолчани, нивните соништа, борби и секојдневие.

„Како плачат улиците“ сведочи за еден поинаков дух на живеење, кога материјалното било во втор план, а важело едно непишано правило, да се живее значи да се биде духовно богат.

На премиерата ѝ претходеше урбана атмосфера во долното фоаје на Центарот за култура, каде еден час пред почетокот беше организирана графити и диџеј сесија. За музичкиот дел беше задолжен Огнен Димовски, Box Beater, кој со својата селекција придонесе за вистинско враќање во духот на хип хоп културата.

Публиката имаше можност да се потсети на едно време кое за многумина претставува повеќе од спомен, време кога улиците зборуваа, а музиката ја раскажуваше вистината на една генерација.









































Фото Ивона Кочов
