Пред повеќе од еден век Битола се подготвувала за една од најголемите промени во секојдневниот живот – електричното осветлување.

Во дигитализираната српска периодика пронајдовме извонредно сведоштво објавено во весникот „Покрет“ на 31 јануари 1925 година, непосредно по изградбата на електричната централа.


Според тогашниот весник, во средината на 1924 година за електрификацијата на Битола се заинтересирал белградскиот електроинженер Славко Бокшан, кој заедно со инженерот Огмар Енд дошол во градот за да ги испита можностите за изградба на електрична централа.
Нивната проценка била дека проектот е можен и економски оправдан, но дека треба да се реализира во две фази – најпрво централа со нафтен мотор, а подоцна, кога ќе се обезбеди доволна потрошувачка, и хидроцентрала.
„ЕЛЕКТРОИНДУСТРИЈА БИТОЉ“
Весникот сведочи дека уште во првите денови од престојот на инженерите било основано командитното друштво:
„Електроиндустрија Битољ“
Целта била јасна – Битола да добие електрично осветлување уште во зимата 1924 година.
Работите започнале брзо. Во јули се сечеле бандери во блиската државна шума, биле порачани потребните машини и апарати и започнале подготовките за поставување на електричната мрежа. Во финансирањето на работите активно учествувал и битолскиот трговец Лозанчевиќ, кого весникот го наведува како командитор на друштвото.
ЦЕНТРАЛА ОД 200 КОЊСКИ СИЛИ
Особено интересни се техничките податоци што ги оставил „Покрет“.
Првата централа можела да произведува околу 200 коњски сили, што било проценето како доволно за првата година од работењето.
Но плановите биле далеку поамбициозни.
Предвидената идна хидроцентрала требало да располага со околу 1.500 коњски сили.
Електричната мрежа во почетокот на 1925 година сè уште се проширувала, но весникот забележал дека струјата веќе била спроведена низ речиси сите поважни улици во Битола.
А визијата не завршувала кај Битола.
Авторот пишувал дека доколку се изгради планираната хидроцентрала, евтината електрична енергија би можела да придонесе за развојот на индустријата и да овозможи снабдување со струја и на Прилеп, Ресен и Охрид.
БИТОЛА ВЛЕГУВА ВО НОВОТО ВРЕМЕ
Дека „Електроиндустрија Битољ“ продолжила да има значајна улога потврдуваат и архивските документи. Во записник на битолската Општина од 21 октомври 1925 година се среќава посебна одлука упатена до „Друштво Електроиндустрија Битољ“.
Само неколку години подоцна, на 11 јануари 1928 година, Општината веќе расправала и ги утврдувала цените на електричното осветлување во градот.
Така, пред повеќе од сто години, додека низ улиците сè уште се паметела светлината на старите фенери, Битола почнала да влегува во електричната ера.
Се поставувале бандери, се развлекувале жици, работеле машините на новата централа – и една по една, битолските улици почнувале да светат.
А денес, благодарение на дигитализираните стари весници, можеме повторно да ја составиме оваа речиси заборавена страница од историјата на градот.
Извор: „Покрет“, 31 јануари 1925 година, стр. 19 – Претражива дигитална библиотека.
