На местото каде што денес се издига повеќекатницата која битолчани ја знаат како „зградата на пензионерите“, спроти ОУ „Св. Кирил и Методиј“, некогаш се наоѓало старото училиште „Св. Богородица“.
Станува збор за уште едно исчезнато парче од стара Битола, за кое денес сведочат старите фотографии и историските записи.

Приказната започнува во XIX век, кога во овој дел од градот се наоѓал некогашниот Пипер-ан. Со доброволни прилози од битолчани и градските еснафи, како и со значителната финансиска помош на д-р Константин Мишајков, бил обезбеден простор за развој на просветниот и духовниот живот.
Во историските извори се наведува дека д-р Мишајков донирал 1.200 лири за купување голем простор на кој подоцна биле подигнати училиштето и црквата „Св. Богородица“.
На дел од просторот биле изградени машко и женско училиште, а подоцна во непосредна близина била изградена и црквата „Св. Богородица“, чија изградба се датира во 1870–1871 година, додека храмот бил осветен во 1876 година.
За точната година на отворањето на училиштето во историската литература се среќаваат различни податоци, но неговото постоење во втората половина на XIX век е добро документирано.

Особено вредно сведоштво е старата фотографија на училиштето „Св. Богородица“, датирана во периодот 1898–1912 година, зачувана во архивското фотографско наследство на Битола.
На неа можеме да ја видиме зградата во која пред повеќе од еден век учеле генерации битолски деца.
Интересен е и податокот дека во учебната 1914/1915 година во официјалните документи за Битолската училишна област меѓу училиштата во градот се споменува и училиштето „до Св. Богородица“.
Историските извори зборуваат и за Женската гимназија во овој простор. Во нејзиниот двор се одржувале јавни училишни часови и гимнастички вежби пред публика.
Денес пејзажот е целосно променет.
Старото училиште го нема. На неговото место е повеќекатницата позната меѓу битолчани како „зградата на пензионерите“, а од спротивната страна се наоѓа ОУ „Св. Кирил и Методиј“.
Но старата фотографија останала.
И кога денес поминуваме покрај ова место, малкумина знаат дека тука, пред повеќе од еден век, одекнувале детски гласови и се одвивал еден важен дел од просветниот живот на Битола.
Уште една стара битолска зграда која исчезнала од градот, но не треба да исчезне и од нашата меморија.